Продолжуваат дискусиите за нови санкции кон Русија

 

Откако на две средби во последните три дена амбасадорите на земјите-членки од ЕУ не постигнаа договор за воведување нови санкции против Русија поради нејзините активности во Украина, тие денеска ќе продолжат со дискусијата по оваа тема. 

На денешната средба дипломатите ќе дадат оценка дали се почитува примирјето во Украина и ќе направат дополнителни консултации за воведувањето на новиот пакет економски санкции, кои беа одобрени во понеделникот, но нивната примена беше одложена поради склучениот договор за прекин на огнот меѓу Киев и проруските сепаратисти во источниот дел на Украина.

Западните медиуми објавија дека „законскиот и политички рок“ за одлагањето на санкциите истекува утре.

Новоизбраната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини вчера побара постигнувае на „вистински консензус“ меѓу земјите-членки за планот на примена на новите санкции. Таа нагласи дека некои држави од Унијата сметаат дека одлуката за воведување на санкциите треба да биде донесена на највисоко политичко ниво, а други се залагаат за дополнително одлагање.

Деталите за усвоените нови европски санкции ќе бидат познати дури по нивното објавување во Службениот весник на ЕУ. Се претпоставува дека мерките ќе бидат насочени против руски државни нафтени компании и банки, стоките за двојна употреба и против нови 23 лица во Русија, Украина и Крим, на кои нема да им биде дозволено да влезат на територијата на ЕУ, а нивните сметки ќе бидат замрзнати.

11.09.2014 - 09:28
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега