Вицепремиерот Бесими на средба со министерот Цветков во пресрет на есенскиот извештај на ЕК

Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими денеска, во пресрет на есенскиот извештај на Европската комисија, се сретна со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков  и со претставници на aгенциите за храна и ветеринарство и за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

На средбата, како што информира Секретаријатот за европски прашања, е разговарано за степенот на подготовка на законските и подзаконските акти, со цел  усогласување на националното законодавство со правото на Европската унија во делот на земјоделската политика.

Разгледан и е степенот на искористеност на средства кои стојат на располагање преку Инструментот за претпристапна помош – ИПА, а кои се од особена важност за реализација на реформите во земјоделството.

Вицепремиерот Бесими истакнал дека  европските фондови се наменети пред се за подобрување на животот на граѓаните и оти се од клучно значење за приближување на земјата кон Европската унија.

Од СЕП најавуваат дека посетите на вицепремиерот Бесими ќе продолжат со сите институции корисници на ИПА фондови со цел информирање за сите аспекти од користењето на ИПА. 

10.09.2014 - 16:02
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега