ЕЛЕМ на најголемиот саем за енергетика во Виена

Излагањето на најголемиот саем за енергетика Power Gen Europe е од особено значење не само за АД ЕЛЕМ, туку и за Република Македонија бидејќи воспоставуваме широк контакт со сите компании кои се од нашето рамниште и опкружување со кои соработуваме, изјави директорот на ЕЛЕМ Дејан Бошковски по официјалното отворање на Саемот Power Gen Europe во Виена, Австрија.
 
- На Саемот разменуваме  искуства и технологии и нови знаења. На овој начин ги приближуваме компаниите да учествуваат на наште проекти со заедничко учество како добавувачи на опрема, дел во монтажата и заедно да ги градиме нашите електрани. Овој Саем е еден од најголемите европски саеми за енергетика, но поради атрактивноста на него се присутни компании од цел свет, кои не се само производители на електрична енергија, туку и добавувачи на опрема, рече Бошковски.
 
 
- АД ЕЛЕМ годинава излага во делот на обновлива енергија и се презентира со проектите кои се веќе во фаза на реализација или се почнати подготвителни активности како што се Ветерниот парк Богданци, хидроелектраната Бошков Мост и браната Луково Поле. Покрај тоа со 3Д анимација присутни се и проектите Вардарска долина и хидросистемот на електрани Чебрен и Галиште на Црна Река, појасни Бошковски.
 
Главниот уредник на Пен Вел Групата, организаторот на саемската манифестација, Хедер Џонсон посочи дека се одлучиле Саемот годинава да го одржат во Виена за да привлечат поголем број компании од Југоисточна Европа и Балканот.
 
- Годинава на Саемот има преку 650 излагачи што е значаен успех во услови на криза. Се надевам дека АД ЕЛЕМ ќе учествува и на саемот што догодина ќе се одржи во Келн, Германија и дека нема да биде единствената компанија од Македонија, изјави Џонсон.
ФОТО: Дневник
 
 
 

најчитано сега