Саркози се враќа на политичката сцена

 

Поранешниот шеф на  француската држава Никола Саркози се враќа на политичката сцена и ќе биде кандидат за претседател на неговата партија УМП, јавува дописникот на МИА од Париз.

Долго очекуваната одлука на поранешниот француски претседател изгледа дека е донесена, пишува парискиот весник „Паризиен“, според кој Никола Саркози ќе биде кандидат за претседател на УМП, а потоа и кандидат за претседател на Франција. Ова според весникот тој им го рекол на неговите пријатели по враќањето од летниот одмор.

Од поранешните француски престедатели само еден успеа да се врати во Елисејската палата – Генералот Шарл де Гол, но условите на времето беа многу поинакви од денешните. Другиот поранешен претседател Валери Жискар Д’Естен не успеа да се врати во Елисејската палата иако неговите амбиции беа големи.

Патот на Никола Саркози до Елисејската палата нема да биде лесен, бидејќи тој претходно треба да расчисти со судските афери во кои се споменува неговото име.

Истовремено тој ќе треба да ги убеди и Французите, од кои околу две третини (65%) не посакуваат Никола Саркози да биде кандидат за претседател на Франција во 2017 година. Ова е резултатот од испитувањето на јавното мислење направено од институтот БВА за Ителе и весникот Паризиен-Ожурдуи во јули.
 
Испитувањето беше направено само неколку дена откако поранешниот француски претседател, обвинет за „активна корупција“,„трговија со влијание“ и „прикривање и прекршување на професионалната тајна",   во радио и телевизиското интревју најави дека ќе размисли и на крајот од август или на почетокот од септември ќе одлучи дали ќе биде кандидат за претседател на опозициската УМП, и со тоа да биде „природен“ кандидат за претседател на Франција во 2017 на оваа партија.
 
Најмногу сакаат Саркози да биде кандидат симпатизерите на десницата, дури 32 проценти, додека кај левицата  - 94 отсто од испитаните, логично, се против.
 
Начинот на кој Никола Саркози се појави пред медиумите, бранејќи се од обвиненијата, ги наведува Французите да мислат дека тој ќе се врати во политиката. Дури 70 отсто од испитаните се убедени во тоа.

Истовремено, 57 проценти од испитаните Французи сметаат дека со аферите кои го следат поранешниот претседател оценуваат дека УМП не треба да го претстави Саркози како свој кандидат, додека 41 отсто го мислат спротивното.

09.09.2014 - 16:38
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега