Бизнисот треба да ги отвори вратите за лицата со попреченост

Дваесетина претставници од различни организации од општините Аеродром и Кисела Вода за време на работилницата „Менторско водење на лица со попреченост“ се запознаа со можностите и придобивките од вработување лица со попреченост, како и со процесот на менторирање на новите вработени лица.

За време на работилницата што се одржа минатата недела во Општина Кисела Вода, на која се развија најразлични дискусии, Роберта Митревска од асоцијацијата „Ластовица“ посочи дека редовно ангажира лица со попреченост и дека е презадоволна од начинот на којшто тие ги извршуваат своите обврски.

„Хендикепот се наоѓа во интеракцијата на општеството со луѓето со попреченост. Компаниите и другите организации треба ширум да ги отворат вратите за овие лица“, изјави Маја Кајчева од организацијата „Полио Плус“, објаснувајќи дека во нивната организација има  голем број вработени лица со попреченост кои работат на раководни позиции.

Инаку, работилницата се организираше во рамки на проектот на УСАИД за практикантска работа и вработување на лицата со попреченост, во соработка со Општина Аеродром и Општина Кисела Вода, а се имплементира од страна на организацијата „Моја Кариера“, во соработка со „Хендикеп“ од Тетово и „Порака Наша“ од Куманово.

 

најчитано сега