Ципрас бара предвремени избори во Грција

 

Лидерот на најголемата грчка опозициска партија Сириза, Алексис Ципрас повтори дека ќе се обиде да предизвика предвремени избори во Грција, со тоа што ќе спречи избор на нов шеф на државата.

- На почетокот на 2015 година ќе имаме избори, изјави Ципрас во интервју за телевизискиот канал Си-Ен-Би-Си во Комо, Италија.

Тој смета дека коалициската Влада на Нова демократија и ПАСОК многу тешко ќе успее да го собере минимумот 180 гласа кои се неопходни за избор на наследник на претседателот Каролос Папуљас.

- Неопходна е промена на политиката. И не можам да видам никаква друга опција освен избори и промена на власта и да имаме ново мнозинство во Парламентот за да ги предоговори работите со нашите партнери, истакнал Ципрас, имајќи ги предвид меѓународните кредитори на Грција.

Грчкиот Парламент во март следната година ќе избира нов претседател на државата. Согласно Уставот, претседателот на Грција се бира од Парламентот во три круга. Доколку во рамките на таа процедура не биде избран шеф на државата, Парламентот се распушта и се свикуваат нови избори. Претседателот може да биде избран во првиот круг, доколку добие поддршка од 200, односно две третини од вкупно 300 пратеници во Парламентот.

Партиите од владејачката коалиција во моментов имаат само 153 места, а неможноста да се договорат кој ќе го замени Папуљас претставува голема закана за опстанокот на Владата.

09.09.2014 - 09:45
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега