Европа пред рецесија
Според податоците на Евростат од септември, во Еврозоната не е забележан раст. Загрижува тоа што рецесија и се заканува дури и на Германија, која ги намалува прогнозите. Франција и Италија, која по трет пат влезе во рецесија, континуирано паѓаат. Негативен раст се забележува во Данска, Кипар и Романија, на нула се Бугарија и Словенија, а Белгија, Австрија, Финска и Шведска немаат многу со што да се пофалат.
Според последните податоци, земјите од Еврозоната, кои се најразвиени во Европа, економски стагнираат во споредба со претходниот квартал, со што се прекина трендот на минимални, но позитивни, стапки на раст. На ниво на Европската унија, пак, забележан е незначителен раст од 0,2%, што воедно значи и забавување во однос на растот од претходните четири квартали.
Иако е рано да се каже, некои економски параметри укажуваат дека Европската унија може по трет пат да се најде во рецесија, по негативните стапки кои се остварија како резултат на светската економска криза во 2008 и европската должничка криза во 2010 година. Заради економската поврзаност на земјите од Југоисточна Европа со ЕУ, ефектите од претходните кризи силно се почувствуваа кај земјите од регионот, вклучително и во Македонија.
Она што е особено загрижувачки од овој аспект е што европскиот економски мотор, Германија, почна да забавува (во вториот квартал од 2014 забележа раст од 1,3% на годишна основа што претставува значително забавување во однос на првиот квартал-2,2%). Дополнително, земјата на квартално ниво забележа пад на БДП од 0,2% во однос на првиот квартал од 2014 година. Аналитичарите сметаат доколку ваквиот тренд продолжи можно е Германија да влезе во рецесија, што би имало негативно влијание на пазарите и инвеститорите, а со тоа ќе се зголемат ризиците за растот на целата Европска унија.
Геополитичките тензии го наплаќаат данокот
Украинската криза ја менува економската мапа и најавува нов финансиски и политички поредок во Европа, додека наизменичните санкции ЕУ- Русија веќе го наплаќаат данокот. Ситуацијата дополнително ја отежнува тоа што на удар на санкциите не е само Европската унија, туку и нејзиниот главен пазар, северноамериканскиот континент. Ова доведува до создавање на нови трговски врски – се отвораат вратите за неврзаните пазари во Јужна Америка, Африка и Азија, а голем удел во тоа има и политиката.
Најавите за нови санкции на самитот на НАТО кој пред неколку дена се одржа во Велс, претставуваат дополнителен ризик и влева неизвесност кај европските инвеститори и компании, како и нивните очекувања за економските движења во следниот период.
Она што е важно за Европа, но и за Македонија е тоа што неповолните случувања и неизвесноста околу идните настани најпрвин се рефлектираат врз Германија, која што во јуни 2014 година Германија забележа пад од -0,4%, после 10 месеци раст на индустриското производство.
Дополнително доколку конфликтот во Украина не се реши брзо и се продлабочи, одредени европски аналитичари ценат дека оваа криза може да придонесе за намалување на потенцијалот за раст на БДП на Еврозоната за околу 2% во наредните две до три години.
Исто така, не треба да се занемарат и ризиците односно потенцијалните шокови што продлабочувањето на кризата може да го има врз цените на храната и енергенсите
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа