Во Македонија 100 илјади лица активно бараат работа

 

Во Македонија има вкупно околу 225 илјади невработени, од кои само околу 100 илјади активно бараат работа, а преостанатите 125 илјади се изјасниле дека се пријавуваат за да добијат социјални бенефиции, пишува „Дневник“.

Ова се податоците од списокот на Агенцијата за вработување. Според статистиката, во земјава има 948.125 активно население, од кои вработени се 657.849, а 290.276 се водат како невработени. Официјалната статистичка стапка на невработеност во земјава е 30,6 отсто.

- Бројката на лицата што активно бараат работа фактички е бројката на невработени лица во земјава. Повеќето од тие што неактивно бараат работа се лица што работат на црно и се нерегистрирани во која било стопанска дејност. Втора можност е да се надвор од државата, а се регистрирани само за да ги уживаат бенефициите од социјалното и здравственото осигурување. На тие лица им е полесно да останат во регистарот на невработени иако не помислуваат активно да побараат работа - вели за Дневник Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на Македонија.

- Голем е бројот на лицата што се регистрирани како невработени во Агенцијата, а работат во сите сезонски занимања, во преработувачка, дрвна, угостителска дејност, без разлика дали тука и надвор од земјата. Нашите анализи покажаа дека нивниот број се движи од 50 до 70 илјади луѓе, вели Бошков.

Според статистика, стапката на невработеност во Македонија и натаму останува околу 30 отсто.

најчитано сега