Пукна тиквата во СДСМ
На СДСМ му се наредија изборен пораз, претседателски дебакл, внатрепартиски расцеп, сосема неразбирливи чекори, за низата, барем засега да ја заврши газда Нини. „Бомбите“ од скандали, кои толку гордо ги најавуваа, сега им „експлодираа“ в лице. Информациите дека лидерот Заев бара виновници, пак, може да доведат до „пукање на тиквата“ не само во раководството, туку и во целата и така разнишана организација на најголемата опозициска партија во Македонија, пишува Република.
Доколку случајот „Македонска банка“ беше бомбата што претседателството на СДСМ, поточно Радмила Шекеринска во својство на втор човек на партијата ја најавуваше по медиумите, тогаш „пукна тиквата“ многу посилно од што кој било од партискиот врв очекуваше. Никој сега не може да го разбере не само обидот со изборни лаги, манипулации и клевети да се замени соодветната политичка понуда, туку и обидот да се прелаже и судот. Како дете со заглавена рака во тегла со џем, Заев пред судот бараше да се изостави Нини, а да се прифати аудиоснимка на Нини (?), потоа, како да не е претседател на политичка партија и неговите настапи да ги нема во сите архиви на интернет-сервери за вести каде што не само што прашува туку и строго тврди дека има вмешаност на Груевски во Македонска банка. На крај, виновни му се половина дузина адвокати, кои беа дојдени да го бранат.
На Заев и сега сите му се виновни. Така како што сите му беа виновни за изборниот пораз. Но, тука не е прашањето само за лицето Зоран Заев. Тој е лидер на политичка партија. Тој е персонификација на најголемата опозициска опција во државата. Човекот што дојде на тоа место за да внесе стабилност во стратегијата и во дејствувањето на политичката опција, која по големиот пад од власта пред речиси цела деценија, не може да се консолидира.
На почетокот на изборната кампања од новото раководство на партијата ветуваа не само програма што сите ја очекуваа како нов ветер кај социјалдемократите, туку и, како што ги најавуваа, низа документи што би требало да ги докажат неправилностите и злоупотребите на (и сега) актуелната власт. Се најавуваа „бомби“ од документи. И откако по првиот изборен круг беше јасно дека сувопарните ветувања, поткрепени со удари в гради „јас сум идниот премиер“, паѓаат во вода, Заев се сврти кон алтернативата – бомбата наречена случај „Македонска банка“.
Целиот судски процес не може а да не се гледа како прелистување на катастрофалниот резултат на изборите за СДСМ. Кога и „крунскиот доказ“ во црната кампања против политичките опоненти исплива на површина како лага и манипулација, пред СДСМ се отвора сосема бистра слика дека за да се носи епитетот сериозна партија што претендира да ја освои власта, мора (колку пати е само повторено ова) да се подготви сериозна програма, која одговара на проблемите на граѓаните. Второ и уште побитно е зад таа програма да стои човек, па и тим, кој ќе биде столб на кредибилитетот на кажаното, ветеното, па и на посочувањата со прст кон опонентите.
Раководството на Зоран Заев со „бомбата“ најавена од неговата заменичка Радмила Шекеринска си нанесе тежок удар само на себе. Таа „бумба“ сега може да предизвика експлозија, која ќе го распука СДСМ како зрела тиква. Доколку се земат предвид незадоволството меѓу сопартијците за изборот на лицата на избирачкиот список, губењето на изборите, па атмосферата за време на партискиот конгрес на кој Заев по изборите успеа „да се извлече“ и да остане на лидерската позиција, целото негово вложување до него да остане Шекеринска, па исклучувањето на неколку членови, лажните ветувања за разбирањето за нивните чекори кај странците, бојкотот на парламентот, па повторно исклучување на членовите што се вратија во собраниските клупи, однесувањето на Заев сега, за време на судењето, кога повторно се обиде со манипулации да ја тргне дамката од себе и вината ја бараше кај другите само докажува дека на таа партија местото уште долго ѝ е во „сенка“.
Но, од целиот тој амбиент од времето на изборите – што и се искористи за клеветење насочено кон власта за вмешаност во различни афери, недостигаат неколку ликови.
Прво, недостига токму неговата заменичка, поранешната лидерка на партијата, Радмила Шекеринска, која најавуваше „бомба“ од афера и документи. Омаловажувајќи го наведеното за висината на финансиите од изнајмувањето на сопствениот стан сама на себе, преку медиумите дури и со обид за шегобиен начин, најави афера, која е „бомба“ и која „ќе го покаже криминалот во главата на рибата“.
Второ, недостига ликот на Стево Пендаровски, претседателски кандидат, кој стоеше до Заев во паралелната претседателско-парламентарна кампања. Пендаровски, главниот опонент во постизборното „пребивање“ на партиските резултати, а, да не се заборави, и „фаворит“ на експретседателот Црвенковски, порача дека ќе остане да ѝ помогне на партијата. И на Заев, во неговото водење на партиската политика.
Впечатокот што го оставија рочиштата во случајот Груевски против Заев е дека Заев е оставен сам на себе, односно на дузина адвокати. И дека и Пендаровски и Шекеринска чекаат во заднина сега, по сè, Заев да си ја преземе одговорноста за поразот и за уличната безидејност во која ја втурна партијата. Секако, тие двајца да останат „нечепнати“ во врвот на партијата. Ако дотогаш остане нешто од неа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа