Утврдена причината за падот на кингерот
Причините за падот на авионот во кој беше поранешниот македонски претседател Борис Трајковски се уврдени, изјави шефот на истражувачкиот тим Омер Кулиќ, додавајќи дека не може да изнесе повеќе податоци во јавноста.
- Точно утврдивме што се случило. Во истрагата беа опфатени сите актери од тој настан, не смеам да кажам кој е одговорен, наша задача е да испитаме како дошло до падот на авионот, тоа ќе му го кажеме на нашиот и на македонскиот обвинител, а нивна одлука е што натаму ќе прават со извештајот, бидејќи тоа се светските стандарди во вакви активности, истакнал Кулиќ.
Извештајот за авионската несреќа до крајот на септември ќе им биде предаде на Обвинителството на БиХ и на локалните власти, како и македонскиот обвинител и македонските власти.
Според Кулиќ, истражниот тим го лоцирал комплетното случување и ги лоцирал сите учесници во синџирот на случувањата.
Истагата за падот на „кингерот“ повторно беше отворена на барање на Македонија, по прибраните дополнителни докази на македонското Министерство за внатрешни работи.
Комисијата за испитување на причините за несреќата, која претходно ја формираше Советот на министри на БиХ, заклучи дека причината за падот на авионот била „процедурална грешка на пилотската екипа во фаза на слетување на мостарскиот аеродром, која доведе до тоа авионот да удри во брдо.
Во несреќата освен претседателот Борис Трајковски животот го загубија и советниците од неговиот кабинет, Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски, Анита Лозановска, службеникот од МНР, Миле Крстевски, членовите на обезбедувањето Борис Велинов и Аце Велиновски, како и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Во првичната истрага, обвинителството на БиХ за авионската несреќа кај Мостар, во која загина претседателот Трајковски, шест членови на делегацијата и двајца пилоти, не обвини никого, бидејќи немало елемнетарни докази за покренување на кривична одоговорност.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа