Оливер Спасовски: Бараме ЕУ да биде гарант за договор со Груевски
Социјалдемократскиот сојуз не може да верува во никакво договор со ВМРО-ДПМНЕ и со Премиерот Никола Груевски, доколку на таков договор гарант не биде Европската Унија. Оливер Спасовски, генерален секретар на СДСМ во интервју за Прес24, вели дека опозицијата досега биле неколкупати изгирана од власта со тоа што договореното на лидерските или партиските средби не се реализира во пракса. Токму затоа СДСМ бара гаранција за евентуален договор со ВМРО-ДПМНЕ.
-СДСМ бара гаранции дека се она што ќе биде договорено помеѓу власта и опозицијата, за излез од политичката криза, што подразбира создавање услови за спроведување фер и демократски избори, ќе се спроведе во пракса. Затоа бараме, во спроведувањето на договореното, целосно да биде вклучена опозицјата, а гарант да биде Европската унија, вели Спасовски во Интервјуто за Прес24.
Во моментов не постојат никакви разговори на релација, власт-опозиција, а Спасовски единствената причина ја гледа во немањето искрена желба на Премиерот Груевски за суштински разговори.
- Владејачката партија треба да покаже дека навистина сака да ги реши клучните политички проблеми во државата. Груевски треба да покаже подготвеност за разговор за сите пет теми што ги предложи опозицијата, вели генералниот секретар на СДСМ.
Отсуството на опозицијата од Парлементот и состојбите што се случуваат во него ја покажуваат исправноста на одлуките на СДСМ донесени по изборите, оценува Спасовски.
- Последната тепачката помеѓу пратениците од ДУИ и ДПА, дополнително оди во прилог на цврстата определеност на СДСМ и коалициските партнери да не учествуваат во работата на вакво Собрание, кое што е срам за Република Македонија. Нема поголем внатрешен пораз за една институција, којашто треба да биде храм на демократијата, од она што моментално се случува во нашето Собрание. Црн понеделник, сега црн вторник, што ли уште може да се очекува?, вели во интервјуто за Прес24, Спасовски.
Тој не сака да прогнозира дали покрај Созла Грчева и Љубица Буралиева уште некој од пратениците на СДСМ ќе го прифати пратеничкиот мандат, но сепак потгеницира дека ако некој несака да ги почитува партиските опдгани, чесно е да ја напушти сам партијата.
-Доколку некој нема намера да ги почитува партиските ставови и одлуки, или постапува спротивно на статутарните одредби, очекуваме да покаже основни човечки доблести, чесно е да си поднесе оставка од позицијата или функцијата што ја извршува, вели Спасовски.
СДСМ, според него е дефинитивно решена да оди на вонинституционално дејствување, кое засега ќе функционира на “паралелна влада” во рамки на партиските тела, но не се исклучува и можноста за улична демокартија, во завиност од однесувањето на власта.
-Местото на СДСМ е до граѓаните. Затоа еден од четирите столба на коишто се потпира Стратегијата носи наслов “Работиме заедно“. Тоа ќе биде партнерски однос со граѓаните, ќе ги слушаме потребите и проблемите и заеднички ќе ги дефинираме во реални и прифатливи решенија. Ќе формираме и Централен систем на комисии, коишто ќе бидат пандан на министерствата. Ја ставаме работата на целата Влада и сите министерства под постојана лупа. Штетните политики ќе бидат корегирани со спротивставување на сериозна, квалитетна и видлива алтернативна понуда од СДСМ. Ваквиот начин на делување може само позитивно да се одрази, затоа што на прво место е интересот на граѓаните. Ќе им се доближи визијата за една поинаква Македонија. Ќе бидат видливи политиките за подобар животен стандард, достоинствен живот, силна економија. Опозициската пратеничка група ќе биде дел од овие комисии иако ја продолжува борбата за демократија и подобар живот на граѓаните надвор од Собранието. Нема поголема заштита на Уставот, од борбата за демократија, владеење на правото и слободата на изразување, вели Спасовски во Интервјуто за Прес24.
ПРЕС24: Централниот одбор на СДСМ, како и што се очекуваше донесе одлука за исклучување на двете пратенички кои ги прифатија мандатите во Парламентот. Дали мислите дека исклучувањето на Буралиева и Грчева ќе ги дисциплинира останатите пратеници кои засега го почитуваат партискиот став за бојкот на Парламентот?
СПАСОВСКИ: Чекорите што треба да се превземат за регулирање на правото за членување во партијата, доколку не се почитуваат одлуките и ставовите на органите, се дефинирани во Статутот. Така, согласно одредбите од Статутот на СДСM постапи и Централниот одбор. Органите и телата на СДСМ нема да отстапуваат од принципиелноста и доследноста, секако и кога станува збор за почитување на партискиот Статут.
ПРЕС24: Некои неофицијални информации велат дека има уште неколкумина пратеници кои, доколку до октомври СДСМ не се врати во Парламентот, можат поединечно да влезат во работата на Собранието. Што доколку такво нешто се случи?
СПАСОВСКИ: Пратеничката група на СДСМ и коалициските партнери, борбата за демократија и подобар живот за граѓаните, ја води надвор од Собранието. Мотивацијата за СДСМ и коалициските партнери се граѓаните. Затоа донесовме тешки, но важни одлуки за иднината на државата. Граѓаните ни ја дадоа довербата да се спротивставиме на лошите политики на власта, а не да бидеме дел од институции што не си ја извршуваат основната функција. Доколку некој нема намера да ги почитува партиските ставови и одлуки, или постапува спротивно на статутарните одредби, очекуваме да покаже основни човечки доблести, чесно е да си поднесе оставка од позицијата или функцијата што ја извршува.
ПРЕС24: Она што исто така е можно е дел од помалите коалициони партнери на СДСМ, кои освоија место во Парламнтот да се одлучат да го прекинат бојкот. Стравувате ли од внатрешен пораз на опозицијата, како што на пример предвидува пратеникот на владеачкото мнозинство, Павле Трајанов, кој проценува дека доколу десетина пратеници откажат послушност на раководството, СДСМ би бил поразен?
СПАСОВСКИ: Проценките на приврзоците на ВМРО-ДПМНЕ не се ништо друго освен соопштување на неостварените желби на Никола Груевски. Власта ја креираше политичката криза во земјава со криминалните избори и системскиот грабеж. Немајќи капацитет и знаење како да ја реши кризата, и, наместо да прифати разговор со опозицијата власта се обидува да купи време. Притоа, служејќи се со познатите методи на правење хајки, конфликти и поделби. Но, насилните политики на власта дополнително ја усложнија политичката клима во земјава. Токму политиките на конфликтност, насилие и поделби што ги применува оваа власт доведоа до нов инцидент во Собранието. Последната тепачката помеѓу пратениците од ДУИ и ДПА, дополнително оди во прилог на цврстата определеност на СДСМ и коалициските партнери да не учествуваат во работата на вакво Собрание, кое што е срам за Република Македонија. Нема поголем внатрешен пораз за една институција, којашто треба да биде храм на демократијата, од она што моментално се случува во нашето Собрание. Црн понеделник, сега црн вторник, што ли уште може да се очекува?
ПРЕС24: Втората одлука на Централниот одбор, според соопштението, е потврда на одлуките за вонинституционално дејствување на СДСМ. Што конкретно подзразбирате под тоа?
СПАСОВСКИ: СДСМ веќе објави дека започнува интензивна работа согласно новата Стратегија за политичко делување. Имаме план и имаме јасна цел, да ја извлечеме државата од бесперспективноста и да ја вратиме на нормален колосек.
СДСМ ќе биде постојано со граѓаните. Не кампањски, туку како нов начин на функционирање. Местото на СДСМ е до граѓаните. Затоа еден од четирите столба на коишто се потпира Стратегијата носи наслов “Работиме заедно“. Тоа ќе биде партнерски однос со граѓаните, ќе ги слушаме потребите и проблемите и заеднички ќе ги дефинираме во реални и прифатливи решенија.
Столбот “Чесна понуда“ подразбира активно следење на одлуките и политиките на власта, што се однесуваат на животот на граѓаните на Македонија. Штетните политики ќе бидат корегирани со спротивставување на сериозна, квалитетна, реална и видлива алтернатива.
За таа цел започнуваме со формирање Централен систем на комисии. Тие ќе бидат пандан на владината министерска структура.
Опозициската пратеничка група продолжува да делува надвор од Собранието. И до сега следиме какви закони носи власта на Груевски во отсуство на опозицијата, невидено и незапаметено за демократската пракса во светот. Власта иницираше менување на Устав, донесе проблематични и неуставни законски решенија, и тоа без никаква дебата. Иако надвор од Собранието оваа пратеничка група ќе биде вистинскиот коректив. Ќе реагираме на секој недемократски и штетен проект за граѓаните. Исто така ќе нудиме конкретни решенија како алтернатива на лошите законски проекти што ги носи контролираниот Парламент.
Решени сме максимално да се посветиме и да ги исполниме очекувањата на граѓаните кои `не избраа.
ПРЕС24: Можни ли се порадикални чекори, улична демократија и слично?
СПАСОВСКИ: Тоа ќе зависи од однесувањето на власта. Македонија, за жал, и според релевантни меѓународни организации е квалификувана како хибриден режим. Во услови на ваков режим, ништо не може да се исклучи. Македонија уназадува, граѓаните осиромашуваат, пред власта е жешка есен. Се надевам дека Груевски ќе ја прифати реалноста, дека ќе најде храброст да ја надмине ригидноста и ќе седне да разговара за сите барања на опзицијата, за да се реши политичката криза.
ПРЕС24: Се зборува за формирање паралелен парламент, паралелни институции. Не мислите ли дека такво сценарио ја води СДСМ во уставни прекршувања и процеси што можат сериозно да се одрзат врз политичката состојба во државата?
СПАСОВСКИ: Реков дека нашата мотивација за политичкото делување се граѓаните на Република Македонија. Подготвени сме да ја оправдаме довербата на сите оние кои во овој недемократски амбиент се одважија да ни ја дадат. Веќе соопштивме дека согласно новата Сратегија за политичко делување ќе формираме и Централен систем на комисии, коишто ќе бидат пандан на министерствата. Ја ставаме работата на целата Влада и сите министерства под постојана лупа. Штетните политики ќе бидат корегирани со спротивставување на сериозна, квалитетна и видлива алтернативна понуда од СДСМ. Ваквиот начин на делување може само позитивно да се одрази, затоа што на прво место е интересот на граѓаните. Ќе им се доближи визијата за една поинаква Македонија. Ќе бидат видливи политиките за подобар животен стандард, достоинствен живот, силна економија. Опозициската пратеничка група ќе биде дел од овие комисии иако ја продолжува борбата за демократија и подобар живот на граѓаните надвор од Собранието. Нема поголема заштита на Уставот, од борбата за демократија, владеење на правото и слободата на изразување.
ПРЕС24: Власта проценува дека Македонија можеби ќе ја изгуби препораката за почеток на пристапните преговори со ЕУ поради вашиот бојкот. Ќе прифати ли СДСМ одговорност за такво нешто?
СПАСОВСКИ: Одговорноста за урнатите позиции и нарушениот меѓународен углед на Република Македонија, како и за уназадувањето на евро-атланските интеграции е исклучиво кај Никола Груевски кој 8-ма година раководи со државата и кај неговиот коалиционен партнер Али Ахмети. Во извештаите што доаѓаат од Брисел, изминативе неколку години, јасно се посочени слабостите поврзани со владеењето на правото, слободата на изразување, партизацијата.... Сериозно сме загрижени што Македонија го загуби чекорот во евро-интеграциите. Не е завршена ниту една од обврските за посочените проблематични области. Напротив, ситуацијата е влошена во повеќето области. Македонија го продолжува падот на листите за медиумски слободи. Наместо владеење на правото, стана држава на политички затвореници со инструментаржлизирано судство. Се изедначи партијата со државата, нема држава, `се е партија. Нема ефикасна борба против корупцијата. Сето ова го покажува непостапувањето на институциите по ниту еден од скандалите во коишто се инволвирани високи владини функционери, како што се случаите “Актор“, “Македонска банка“ и голем број други афери што го откри СДСМ пред јавноста. Дури и заклучоците од последната Декларација во Берлин, упатуваат на проблемите во Македонија што опозицијата ги нагласува подолг период, како: слобода на медиумите, независно судство, независни синдикати, економија ослободена од политички влијанија... И овој последен самит во Берлин го потврди уназадувањето на Македонија во евроинтеграциите. Во 2005 година бевме први во целиот регион. На прес конференција на канцеларката Меркел пред некој ден, Македонија не беше спомената меѓу земјите со напредок. Тоа е жалната реалност. Не сакаме да видиме дека Македонија ја губи препораката, тоа би било катастрофа и на штета на државата и за сите граѓани. Се надеваме дека до тоа нема да дојде, исклучиво поради разумот во Брисел. Груевски е соочен со проблемите што самиот ги создаде. Тој како да посакува Македонија да ја загуби препораката. Оваа карта на којашто игра Груевски, со обвинувањето на опозицијата и критичката јавност, е катастрофално губитничка за Македонија.
ПРЕС24: Претседателот на Собранието остава простор до октомври да се најде решение за кризата. Премиерот Никола Груевски пред неполн месец изрази подготвеност за продолжување на дијалогот, но под услов СДСМ да се откаже од барањето за техничка влада. Во јавноста се појавија некои информации дека СДСМ би можела да ретерира од класично барање за техничка влада. Какви се во моментов состојбите?
СПАСОВСКИ: Шпекулациите за наводна промена на ставовите на СДСМ, беа само желба на ВМРО-ДПМНЕ и многу брзо беа демантирани. Нашиот став е јасен, принципиелен и конзистентен. Најважно од се, нашите ставови се во интерес на граѓаните на Република Македонија, демократијата, слободата, слободната волја и владеењето на правото. Остануваме на одлуките донесени на Конресот на партијата и цврсто сме решени да ги спроведеме. Кај Социјалдемократскиот сојуз на Македонија постои подготвеност за дијалог, за надминување на политичката криза во земјата, којашто ја создаде власта на Груевски со криминалните избори. Ќе потсетам дека разговорите пропаднаа поради одбивањето на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски да разговараат за формирањето техничка влада 6 месеци пред избори. Сега, владејачката партија треба да покаже дека навистина сака да ги реши клучните политички проблеми во државата. Груевски треба да покаже подготвеност за разговор за сите пет теми што ги предложи опозицијата.
ПРЕС24: Постојат ли какви било комуникации во моментов на релација ВМРО-ДПМНЕ – СДСМ?
СПАСОВСКИ: Не.
ПРЕС24: Одлуката СДСМ да влезе во ваква ситуација на непризнавање на резултатите, многумина домашни, но и странски експерти, но и дипломатите, ја оценија како погрешна. Од сегашен аспект мислите ли дека раководството на партијата повлече погрешен потег?
СПАСОВСКИ: Веројатно мислите на провладините експерти кои секојдневно ги гледаме на провладините медиуми со задача од власта да ја напаѓаат опозицијата. Тие не искажуваат мислење, туку испорачуваат партиски задачи од власта. Но, да ги оставиме нив настрана, тоа ним им е партиска задача. Власта спроведе изборен грабеж на последните двојни избори. Спротивно на Уставот и законите, власта на Груевски го злоупотреби целиот државен систем. На граѓаните им беше одземено правото на слободно изразување на својата волја. Без слободни и фер избори нема демократија, нема слобода, нема владеење на правото. Застанавме во одбррана на вредностите на коишто почива државотворноста на Република Македонија. Криминалните избори не ги признаваме. И тоа не е погрешен, туку вистински потег. Тоа е потег на луѓе со искрени намери за Република Македонија и нејзината индина. Го одбравме потешкиот, но вистинскиот пат. Затоа никој, освен власта, не беше изненаден што одлуките на раководството на партијата беа едногласно потврдени од највисоките органи на СДСМ, Конгресот и Централниот одбор. Борбата за демократија и подобар живот продолжува.
ПРЕС24: Главниот аргумент дека изборите биле нерегуларни и според оценките на ОБСЕ и ОДИХР не е издржан, бидејќи овие избори беа оценети и подобро од локалните. Зошто СДСМ ги призна изборите за општинската власт, а не ги признава за централната власт?
СПАСОВСКИ: Нема алиби за последниот многу критички извештај на ОБСЕ/ОДИХР за последните претседателски и парламентарни избори, каде што воопшто не се споменуваат зборовите фер и демократски. Токму оценките на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, содржани во Извештајот, како и изјавите на САД и ЕУ, покажаа дека на изборите не беа овозможени услови за елементарен демократски изборен процес. Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР потврди дека за време на претседателските и парламентарните избори 2014 година: владејачката партија не прави разграничување на државните и партиските активности, власта не обезбедува услови за рамноправен натпревар на сите политички партии, дека најголемиот дел од медиумите се пристрасни, под контрола на власта и работат во нејзин интерес, дека постои заплашување и притисок врз граѓаните. СДСМ на овие избори го документираше систематскиот грабеж на власта во последните неколку изборни циклуси.
ПРЕС24: Што е она што СДСМ го бара како гаранција дека изборите би биле фер и демократски?
СПАСОВСКИ: За спроведување фер и демократски избори потребна е политичка волја. Јавноста знае дека Никола Груевски, она што ќе го договори, потоа не го почитува и го прогласува за палома хартија. Таков беше случајот со Извештајот на Комисијата за настаните од 24 декември, на црниот понедленик. Тоа беше случај и со договорените измени на Изборниот законик, коишто иако власта ги прифати, сепак, не ги почитуваше. Познавајќи го Груевски и начинот на одмесување на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ бара гаранции дека се она што ќе биде договорено помеѓу власта и опозицијата, за излез од политичката криза, што подразбира создавање услови за спроведување фер и демократски избори, ќе се спроведе во пракса. Затоа бараме, во спроведувањето на договореното, целосно да биде вклучена опозицјата, а гарант да биде Европската унија.
ПРЕС24: Сепак, могумина аналитичари, но и ваши сопартијци, некои веќе поранешни, некои дел и сега од опозицијата, како на пример, лидерот на ЛДП, Андреј Жерновски, велат дека она што е главната причина зошто СДСМ не победува на избори е слабата понуда. Во што е проблемот партијата да изгради автентична нова политика, којашто би била алтернативна понуда на актуелната власт?
СПАСОВСКИ: Не можеме да зборуваме за некои други “причини“ во однос на изборните резултати, се додека власта предводена од Никола Груевски го злоупотребува целиот државен апарат и на денот на изборите спроведува системски грабеж. Откако ќе се создадат минимум услови за организирање и спроведување фер и демократски избори, ќе може соодветно да ги мериме тежините на политичките понуди. Нашите барања во суштина се токму тоа, услови за фер и демократски натпревар на идеи и на политички понуди. Но, Никола Груевски очигледно не сака да се обезбедат гаранции за спроведување фер и демократски избори. Зошто инаку не прифаќа ниту да разговара за техничка влада како еден гарант?
СДСМ има своја автентична политичка понуда, преточена во сериозна, издржана и остварлива политичка програма. По реакциите на власта на новата Програма на СДСМ, може да се заклучи колку е таа силна и квалитетна. Откако ВМРО-ДПМНЕ прво критикуваше дека наводно биле нереални и неостварливи мерките во Програмата на СДСМ, ВМРО ДПМНЕ почна да копира дел од нив и да ги промовира како свои. Но, наместо во интерес на граѓаните, да ги примени во целост, така како што ги дефинира СДСМ во Програмата, Владата во стилот на своето манипулативно владеење ги видоизмени мерките на ниво на карикатура. Тоа се случи со мерката на СДСМ за поврат на 15 проценти од ДДВ-то кон граѓаните, што Владата ја претвори во Лото. Така, наместо да добиваат сите што плаќаат данок, со измислицата на Владата, сега добиваат само неколкумина. Има и важни мерки што ги предвидува СДСМ, за подобар живот на граѓаните, што Владата на ВМРО-ДПМНЕ не сака да ги примени. На пример, мерката на СДСМ за промена на ригидната казнена политика, преку намалување на прекршочните казни за 50 проценти. Тоа не се вклопува во концептот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, кои преку казните ги пополнуваат дупките во Буџетот. Истото се однесува и на мерките на СДСМ за праведно оданочување, укинување на екстерното тестирање на учениците, враќање на демократијата, владеењето на правото, воведувањето вистинска, а не фингирана отчетност и одговорност на власта, како и редица други мерки.
ПРЕС24: Господине Спасовски, јавноста сепак нема до крај јасна перцепција за многу прашања поврзани со политиката на опзоцијата. На пример, субвенциите, процесите на покачување на пензии, плати на државната администрација. Иако вие велите дека тоа се популистички политики, сепак граѓаните ги чувствуваат како своевиден бенефит. Не мислите ли дека СДСМ треба да има јасен коцепт што и како ќе прави со овие прашања, ако дојде на власт?
СПАСОВСКИ: Повторно ќе Ве упатам на Програмата на СДСМ којашто е јасен концепт. Програмата е фокусирана во најголем дел на економијата, но содржи и ставови на партијата за сите прашања, економски, меѓуетнички, здравствени, земјоделски, образовни, културни... Што се однесува до субвенциите, платите, пензиите, безобразно е да се претставува дека тие се добра волја на оваа власт. И субвенциите и платите и пензиите се права на граѓаните загарантирани со закон, што тие ги добиваат преку Буџетот на Република Македонија, а не од лични џебови на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ.
ПРЕС24: Многумина сметаа дека ако Црвенковски се дистанцира од партијата, СДСМ ќе успее да ја врати довербата. Но, на терен работите се уште се поинакви?
СПАСОВСКИ: Новото раководство е фокусирано на спроведувањето на Стратегијата за политичко делување на СДСМ и на нашата обврска пред граѓаните. Станува збор за целосно нов начин на функционирање на партијата, досега неприменет. Свесни сме дека `не чека многу работа, дека ќе има многу сопки од власта, дека нема да биде лесно. Но, подготвени сме. Заедно со граѓаните ќе работиме за иднината на нашата држава. Резултатот од овој начин на работаќе значи промена на власта во Република Македонија, а со тоа и враќање на довербата на граѓаните во државата, во институциите и во системот на вистински вредности.
ПРЕС24: Има ли раководството на партијата какви било контакти со Црвенковски?
СПАСОВСКИ: По изборите и по одржувањето на 18-от Конгрес на СДСМ во мај, претседателот на партијата, Зоран Заев, оствари средба со поранешниот претседател Бранко Црвенковски, за што јавноста беше информирана.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа