Зголемено детското престапништво во 2013-та

Во Македонија во 2013 година се бележи зголемување на детското престапништво за 19 отсто, споредено со 2012 година. Ова е наведено во Годишниот извештај за работата на Државниот совет за детско  престапништво за  2013 година, кој денеска беше презентиран на прес-конференција во Министерството за правда.

Во извештајот е посочено дека во 2013 година стапката на вклученост на малолетници во криминалот изнесува 1.405 на 100 илјади малолетници, а се однесува на малолетници од 14 до 17 години. Оваа стапка е пониска споредено со други земји во регионот на пример Хрватска, Бугарија и Словенија, додека е повисока од Србија.

- Надлежните институции во системот на малолетничка правда применуваат мерки и санкции кои не вклучуваат лишување од слобода на децата што кореспондира со законските одредби на заобиколување, односно одбегнување на судската постапка, рече министерот за правда Аднан Јашари.

На ова, како што додаде упатува податокот дека за 43 отсто е намален бројот на малолетници кон кои се изречени мерки за упатување во воспитна установа или  во воспитно-поправен дом.

- Во 42 отсто од случаите центрите за социјална работа примениле мерки на помош и заштита, 36 отсто се мерки на засилен надзор, 19 отсто се дисциплински мерки и два отсто се мерки за упатување во воспитна установа или во воспитно-поправен дом, посочи министерот за правда.

Истовремено, како што додаде овие податоци покажуваат дека не се применуваат медијацијата и алтернативните мерки, а судовите најчесто изрекуваат мерки на засилен надзор и тоа во 75 отсто од случаите.

Јашари ја сподели загриженоста на Државниот совет од податокот кој укажува дека во 2013 година во споредба со 2012 во Велес е зголемен бројот на деца кои се во судир со законот за 106 отсто.

- Овој податок ја наметнува потребата од координација на надлежните институции особено локалната самоуправа во Велес за детектирање на состојбите на ризик и зајакнување на прецентивните механизми, рече министерот Јашари.

Претседателот на  Државниот совет за детско  престапништво Миле Гиновски посочи дека од вкупно 85 општини во Македонија, досега 70 не ја исполниле својата законска обврска за формирање локални совети.

- До овој момент формирани се само 15 локални совети, рече Гиновски и апелираше до општините во РМ да го почитуваат Законот за правда за децата, да го интензивираат процесот на формирање на локални совети за превенција на детско престапништво и да донесат програма со акциски план за превенција.

На прес-конференцијата беше информирано и за реализацијата на планираниот караван кој ќе започне  овој месец со посета на осум плански региони, на кој ќе присуствуваат  градоначалниците од сите општини во Република  Македонија.

- Се надеваме дека на овој начин ќе го подигнеме нивото на свеста кај локалните самоуправи за превенција во ова сфера, рече Гиновски.

Министерството за правда во 2013 и 2014 година постапувајќи согласно законските одредби донесе Програма заради обештетување на малолтник кој е жртва или оштетен со кривични дела на насилство и на други акти на индивитуално или групно насилство.

- За реализација на оваа програма од Буџетот на РМ, односоно од Министерството за правда одобрени се 500 илјади денари, рече Јашари.

Годишниот извештај за работата на Државниот совет за детско  престапништво за  2013 година е на дневен ред на 12-та собраниска седница. 

01.09.2014 - 14:56
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа