Спасов на средба со неговиот колега од Естонија за мерките за вработување и социјални услуги

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска и утре престојува во работна посета на Талин, Естонија.

Спасов, како што сопшти МТСП, ќе има средби со министерот за социјална заштита на Естонија, Хелмен Кит и со министерот за здравство и труд на Естонија, Урмас Крусе, при што ќе бидат разменети мислења за социјалните услуги, мерките за вработување, како и за други прашања кои се од интерес на граѓаните од двете држави.

Министерот Спасов ќе ги посети Министерството за социјални прашања, Одборот за социјално осигурување, Центарот  за професионална рехабилитација на Астангу, како и на Фондот за осигурување на невработени. На средбите ќе се дискутира за осигурувањето на невработените лица во Естонија и услугите за вработување. Исто така, акцент ќе биде ставен и на реформите и услугите за вработување на лица со посебни потреби.

Во текот на посетата ќе биде потпишан Меморандум за  соработка меѓу Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија и Министерството за социјални прашања на Република Естонија во областите на трудот, вработувањето и социјалната политика.

- Со оглед на тоа што Естонија е земја членка на Европската Унија, нивните искуства, сознанија и научени лекции ќе бидат од голема помош при изработката на стратешки документи, законска регулатива и дефинирање на  идните проекти.
Соработката ќе се одвива преку размена на експерти, заемно учество на семинари, конференции и други меѓународни настани, кои ќе бидат организирани на териториите на двете земји, реализација на студиски посети на вработените од двете министерства, како и реализација на проекти кои се од заеднички интерес за двете министерства, се наведува во соопштението од МТСП.

01.09.2014 - 13:16
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега