Министерство за финансии се сели во нова зграда

Четиринаесет илјади  метри квадратни распоредени на 11 нивоа опфаќа новиот објект на Министерството за финансии „Палата 23 октомври“ што вечер ќе биде пуштен во употреба од страна на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Новиот објект спаѓа во групата СМАРТ згради - насочена кон заштеда на енергија и заштита на околината. Во неа е сместен и современ прес-центар, како и конференциска сала каде ќе се одржуваат конференции, состаноци и дебати меѓу стручни лица за соодветни намени. Изградена е и најсовремена компјутерска систем сала, направена по најстроги стандарди, која ќе овозможи непречено и стабилно функционирање на целокупниот компјутерски систем на оваа институција, а пред сè на Трезорот и Буџетот како витални сектори на Министерството за финансии и на платниот промет во државата, соопшти Министерството за финансии.

Истакнуваат дека со доградбата на овој објект е надминат проблемот што се јавуваше поради користењето различни локации во кои беше сместено Министерството за финансии, што  го отежнуваше нормалното и ефикасно функционирање. Ваквиот потфат трајно го реши деценискиот проблем од недостиг на просторни услови за работа, а државата со неговата изградба заштеди значителни средства за закупнина на објектите во кои функционираше Министерството, се вели во соопштението.

Според Министерството за финансии, новата зграда  е енергетски најефикасниот јавен објект во Македонија и еден од најсовремените во регионот. Вградени се најсовремени материјали за изолација, независен систем на затоплување и ладење со клима комори и стакло со високосоларен коефициент на трансмисија.

29.08.2014 - 16:28
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега