Свечен прием на првачињата во Штип
Во Штип денеска беа примени 426 првачиња, запишани во петте основни училишта во општината. Со свечени приредби тие ги запознаа своите наставници и училиштата каде што ќе ја посетуваат наставата.
Маја Ашкилова од Одделението за образование во Општина Штип информираше дека во сите основни и средни училишта се преземени мерки согласно со препораките на Центарот за јавно здравје за спречување на ширењето на жолтицата.
Во сите училишта и градинки во општината е завршена дезинфекцијата пред почетокот на учебната 2014/2015 година.
- Првиот училишен час ќе почне со миење на рацете, учениците ќе имаат предавање за личната хигиена и начинот на пренесување на жолтицата. Согласно препораките кои ги добивме, учениците пред да влезат треба задолжително да ги дезинфицираат своите обувки, а во сите тоалети во училиштата има течни сапуни, рече Ашкилова.
Директорот на Центарот за јавно здравје-Штип Велик Грков рече дека во август се регистрирани 43 лица заболени од жолтица и дека крај на епидемијата во Штип ќе биде прогласен тогаш кога во две недели нема да се појави нов сомнителен случај.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа