Украина ќе го укине вонблоковскиот статус и ќе се зачлени во НАТО

Украинската Влада ќе и предложи на Врховната рада да го укине вонблоковскиот статус на Украина и да го обнови курсот за зачленување во Северноатлантскиот сојуз, изјави денеска украинскиот премиер Арсениј Јацењук.

Тој потенцира дека е тоа направено согласно одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана.

Според неговите зборови, доколку биде усвоен предлог-законот, тоа ќе и овозможи на Украина да носи одлуки за членство во други економски, политички или воени сојузи, кои не противречат на главната цел на Украина - членство во Европската унија.

Јацењук истакна дека со усвојувањето на тој закон на Украина и било забрането членство во постсоветските интегративни сојузи, како што се царинска или евроазиска унија, кои, како што рече, по својата суштина не се ништо друго освен „Советски сојуз кој се вика Руска Федерација“.

- Му се обраќаме на претседателот на Украина (Петро Порошенко) и украинскиот парламент да го разгледаат законот без одложување, по итна постапка, согласно одлуката на СНБО, нагласи украинскиот премиер.

Порошенко го потпиша указот за распуштање на парламентот и закажа избори за 26 октомври, а мандатите на актуелниот состав се прекинуваат на денот кога новиот парламент ќе одржи конститутивна седница. Нова седница, на актуелниот состав ќе се одржи на 2 септември.

Врховната Рада во 2010 година, на предлог на тогашниот претседател Виктор Јанукович усвои закон за принципите на внатрешната и надворешната политика, со кој се прогласи вонблоковски статус на Украина.

Законот, кој е сега во важност, предвидува основниот принцип на надворешната политика на Украина да биде земјата да ја почитува политиката на невклучување во блокови, што значи дека не учествува во военополитички сојузи, туку во модернизација и развој на европскиот систем на колективна безбедност, ја продолжува конструктивната соработка со НАТО и други военополитички блокови за сите прашања од заеднички интерес.

На својата Фејсбук страница, украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков напиша дека доколку собранието го одбри владиниот предлог, на Украина и се отвора патот кон НАТО.

- И тоа е многу правилно! Само оние без памет во сегашната ситуација можат да се противат на еден таков потег, наведе Аваков.

29.08.2014 - 13:31
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега