Адеми од Приштина - глобализација се повеќе ги притиска општествата да инвестираат во науката и истражувањето

Процесот на глобализација се повеќе ги притиска општествата да инвестираат во науката и истражувањето, бидејќи само преку знаењето и иновациите може да се постигне економски напредок и соодветна општествена организација, истакна министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми денеска на отворањето на 9. Меѓународна научна средба во Приштина, организирана од Институтот „ALB-Shkenca“.

Како што информира МОН, Адеми во своето обраќање истакнал дека  научно-истражувачките активности во Македонија се состојат од мрежа на истражувачки научни институции: пет државни универзитети, седум јавни институции за истражување, 18 приватни универзитети и 10 приватни институти. Посочил дека дел од институтите и центрите веќе постигнале углед во меѓународната конкуренција, а  некои научни центри со брзи чекори се движат кон постигнување на меѓународните стандарди и критериуми.

Говорејќи за стратегијата и програмата на Владата и Министерството за образование и наука на Република Македонија, Адеми потенцирал дека приоритет е создавањето можности и ангажирање на научните истражувачи во рамки на зголемувањето на ефективната соработка на образовните и научните институции со меѓународните организации кои финансираат програми од областа на науката. 
          
- Во последната деценија Република Македонија има одлично искуство во меѓународната научна соработка, особено со земјите од Европа. Меѓународната соработка се спроведува преку Хоризонт 2020, КОСТ, ЕУРЕКА, УНЕСКО, ИАЕА, ЛСА. Треба посебно да се истакне учеството на истражувачите во Програмата Рамка 7. Нашите истражувачи учествуваат во 82 проекта со буџет кој изнесува 7,6 милиони евра, додаде Адеми, потврдувајќи дека и во иднина Министерството за образование и наука ќе ја поддржува секоја иницијатива која промовира интернационализација во истражувањето, размена на студенти, млади истражувачи и научни работници, информира МОН.

Адеми се осврнал и на владините капитални проекти во областа на високото образование и науката, како набавката на лаборатории за високо образовните и јавните научни установи во земјата и преводот на илјада книги - стручна и научна литературата од која се учи на најдобро рангираните светски универзитети.

На дводневната научна средба, на тема „Наука, важен фактор за одржлив социоекономски развој“, за искуствата на своите земји зборуваа и ресорните министри на Република Косово и Република Албанија, Рам Буја и Линдита Никола. Со нив, информира МОН, е договорено во следниот период да бидат потпишани договори за соработка во областа на образованието и науката. 

29.08.2014 - 13:16
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега