Херитиџ бара САД да се погрижи да исчезне грчкото вето кон Македонија

Американската фондација Хертиџ во пресрет на самитот на НАТО во Велс објави анализа во која бара од САД да се погрижи да направи политика со која пшроширувањето на НАТО ќе продолжи и во иднина, и особено да се заложат за решение за надминување на грчкото вето кон Македонија.

- Потребно е САД и НАТО да обезбедат проширувањето да продолжи кон земјите кои ги исполнуваат високите НАТО стандарди. Политиката на отворена врата на НАТО е клучна за Европа, а оваа политика исто така промовира демократија, стабилност и безбедност во Северно-Атланскиот регион, поттикнувајќи држави да станат дел од Алијансата преку позитивни демократски и воени реформи. Ако другите заинтересирани членки на НАТО видат дека вратите се затвораат за Македонија, тоа може да ги обесхрабри од преземање на потребните демократски реформи кои треба да ги спроведат за и самите да станат членки на НАТО, пишува во анализата од Лук Кофи, експерт на фондацијата Херитиџ.

Во анализата се препорачуваат неколку конкретни чекори - САД да изразат благодарност до Македонија за учеството во авганистанската мисија ИСАФ, како и да им се заблагодарат на македонските граѓани за покажаното трпение во изминатите шест години колку што земјата чека на прием во НАТО со сите исполнети критериуми. Се препорачува САД приватно да извршат притисок врз Грција, да дозволи прием на Македонија во НАТО според принципите утврдени во Времената спогодба. Воедно, се препорачува во декларацијата од самитот на НАТО кој ќе се одржи во Велс на почетокот на септември, јасно да се стави на знаење дека официјален став на НАТО е дека Македонија во иднина ќе стане членка на Алијансата.

- САД треба да се погрижат политиката на отворени врати да остане на сила. Македонија ги исполни сите критериуми за членство во НАТО уште во 2008 година. Единственото нешто што го спречува приемот на Македонија во НАТО, и со тоа спречува самитот во Велс да биде самит на проширување, е грчкото вето. Затворањето на вратата за Македонија не придонесува кон европската безбедност, и го слабее НАТО како орудие за реформа, модернизирање и демократизација. Грчкото тврдоглаво противење по прашањето за името, и кршењето на меѓународното право од нејзина страна, ја загрозија политиката на отворени врати на НАТО. Грција треба да работи со Македонија да бара помирување, а САД треба да одиграат клучна улога, се оценува во анализата на Херитиџ, водечката конзервативна фондација во САД.

Анализата прави историски осврт на македонското осамостојување и сложените односи со соседите, пред се со Грција за која се вели дека постојано ја обвинува Македонија дека има територијални претензии кон Грција. Во анализата, Кофи истакнува дека реално не постои никаква причина Македонија да се смета за закана за Грција.

- Македонија е голема колку Вермонт и има само два милиони жители. Грција има 11 милиони жители и е петпати поголема. Македонија не претставува никаква воена закана за било кој сосед, особено не за Грција. За да ја смири грчката загриженост, Македонија вгради посебна одредба во Уставот дека нема територијални претензии кон ниту еден од соседите, пишува во анализата. Наспроти грчките тврдења, се истакнува дека со Времената спогодба од 1995 година Грција се обврза дека нема да го блокира интегрирањето на Македонија во меѓународните организации како што е НАТО, под услов да се користи привремената референца. И покрај тоа, се оценува во анализата на Херитиџ, Грција еднострано стави вето на македонскиот прием во НАТО поради спорот околу името. Во декември 2011 година, Меѓународниот суд на правдата пресуди дека грчкото вето ја прекршило Времената спогодба.

29.08.2014 - 11:34
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега