Тони Зен, Кристина Арнаудова и Влатко Илиевски ќе го тресат Берово - стартува „Етноплоштад“
Поп-изведувачи и фолклорни ансамбли од земјава и од странство ќе учествуваат на шестиот фестивал „Етноплоштад“ во Берово кој ќе почне денеска и ќе трае до 30 август.
На двете сцени на фестивалот најавени се настапи на Андријана Јаневска и Митан проект, Љубојна Брас фантази, Сашо Гигов-Гиш, Чалгија блуз, Монистра, Уска Кан, како и многу фолклорни ансамбли од Македонија, Србија и од Бугарија.
По официјалната програма на Фестивалот, забавата ќе продолжи со концертите на Тони Зен, Кристина Арнаудова, Влатко Илиевски, Дрти сајд, Ептен, Штекица...
Организатор е општина Берово која соопшти дека е подготвена за исклучителното фестивалско доживување за сите вљубеници на етномузиката.
Покрај концертна програма, во рамките на фестивалот се одржува и традиционалниот саем „Малешевијата на дланка“. Шаренилото од бои и богатството на производи на многубројните штандови му дава посебен дух на целиот плоштад кој годинава ќе биде збогатен со двете сцени - традиционален фолклор и „етнофјужн“.
На саемот ќе бидат изложени ракотворби, сувенири, резби, волнени производи, традиционална облека, ткаенини.. На штандовите доминираат медот и млечните производи, познатото беровско сирење, еколошки сокови, оцет, џемови, подготвени по традиционални рецепти, од природни суровини.
Фестивалот е поддржан во Годишната програма за поддршка на проекти од национален интерес на Министерството за култура.
- Во изминатиот период фестивалот стана препознатлив по високите културни вредности што ги презентира и досега на него настапија речиси сите наши изведувачи кои со своето творештво оставија печат користејќи ја нашата традиционална музика, како и етаблирани уметници од Бразил, Америка, Франција, Словенија, Полска, Романија, Бугарија, информира Министерството за култура.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа