Старотурскиот јазик со целосни стипендии ќе го изучуваат двајца студенти

 

Комисијата за доделување на стипендии утврди дека двајца кандидати од досега пријавените ги исполниле условите за стипендии за изучување на старотурски јазик во академската 2014/2015 година.

Еден е кандидат за додипломски студии и еден за постдипломски студии. Кандидатите се примени на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Софија на Катедрата за Туркологија.

Конкурсот објавен на интернет страницата на Министерството за образование и наука ќе биде активед до 30. септември. Предвидено е за академската 2014/2015 година да се доделат 20 целосни стипендии, кои подразбираат покривање на трошоците за уписнина, месечен паричен надоместок и трошоците за авионски билет.

Оние кандидати кои ќе добијат стипендија за додипломски или постдипломски студии за изучување на старотурскиот јазик, ќе потпишат договор со Министерството за образование и наука, со кој, се обврзуваат да работат најмалку 10 години во Република Македонија по завршување на студиите, за што државата им гарантира соодветно работно место во Државниот Архив на Република Македонија, Институтот за национална историја, Македонската академија на науките и уметностите или во друга соодветна институција.

Воведувањето нови стипендии за изучување на старотурскиот јазик беше објавено во мај годинава, во рамки на, како што беше посочено, севкупните заложби на Владата на Република Македонија за обезбедување на што поголеми можности за мобилност на македонските студенти заради стекнување на вештини и знаења во интернационално окружување, кои подоцна би ги пренеле и примениле во својата земја.

Стипендиите, беше посочено тогаш, се иницирани од реалната потреба на Македонија за  стручен кадар кој ќе работи на превод и толкување на голем број стари документи и ретки ракописи кои ги има во македонските, но и странските достапни архиви, во библиотеките, како и во имотните книги, а се напишани на старотурски јазик.

Воведената нова категорија на стипендии, е наменета за студентите коишто ќе одлучат да се запишат на додипломски или постдипломски студии за изучување на старотурскиот јазик, на некој од светските универзитети, на кои има катедри за отомански студии.

27.08.2014 - 14:50
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега