Откриен богат археолошки материјал во подводниот локалитет „Врбник“ кај Струга

 

Завршија истражувањата на подводниот археолошки локалитет „Врбник“ кај Струга, кои имаа за цел да се направи контролно сондажно истражување и да се добие попрецизна слика за стратиграфијата и хронологијата на локалитетот.

Министерството за култура ги потврди наодите на повеќе фрагменти од садови, железен врв од копје и друго.

За да се добијат повеќе информации за животот на оваа населба во праисторискиот период, Министерството најави продолжување на истражувањата и наредната година.

Со досегашните археолошки активности на овој локалитет констатирана е палафитна населба на поголема површина од околу 100м х 50 м, со над 500 колци, богат движен археолошки материјал со поголем број метални предмети, керамички садови, како и голем број керамички фрагменти од садови, што говори за интензивен живот во оваа населба во железното време. Резултатите од истражувањата, Музејот од Струга јавно ќе ги презентира во септември при што ќе биде промовиран уште еден досега непознат подводен локалитет со идентификувани повеќе пловни објекти од Првата светска војна.

Овогодинешните истражувања на подводниот археолошки локалитет „Врбник“ се реализирани со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија и НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“ од Струга.

27.08.2014 - 13:27
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега