Уметници, доктори... - сите сакаат кејот во Охрид да го носи името „Македонија"

 

Дoктори, уметници, интелектуалци, претставници на невладиниот сектор, новинари... сите се сложни дека кејот во Охрид треба да го носи името „Македонија“, откако градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и советниците од ВМРО-ДПМНЕ застанаа зад предлог одлуката, охридскиот  кеј  од “Маршал Тито“ да се преименува во „Македонија“.

-Тука само кратко ќе напоменам дека властите во градот ќе мора да го одржуваат репрезентативен и на него да нема ни најмала дупка, за да му одговара името Македонија. Сега не е тоа случај, има простор каде мора да се интервенира за да може достоинствено да го носи името, изјавува докторот и уметник Драган Спасески.

 Нoвинарот и писател Милчо Јованоски смета дека  името ”Македонија” му прилега и е одраз на времето во кое живееме.

-Кејот покрај синото Охридско Езеро доби ново име. Од вчера се вика „Македонија“. До вчера  чекоревме по „Маршал Тито“од сега по „Македонија“.Новото име вистински му прилега и е одраз на времето во кое живееме.  Еве веднаш се оградувам од дневно – политичките коментари и препукувања во стилот зошто „Македонија“ а зошто Маршалот е испратен и од Охрид во историјата каде што припаѓа. Точно е без минатото, нема иднина. Тито за мене е историја,во негово време безгрижно растев и учев, а Македонија е просторот во кој живеам,создавам и творам. Но, искрено повеќе ми значат сегашноста и иднината. Она што посакувам е по кејот да гледам и да се разминувам со сограѓани на чии лица ќе ги нема товарот и загриженоста. Да има се повеќе млади и тие да останат тука да формираат семејства, а не да заминуваат со билет во еден правец од својот роден град.Само така „Македонија“ ќе ги направи Охрид и Македонија посреќно место за живеење. Ете,тоа е просторот во кој треба да се посветат, надзборуваат  и да се натпреваруваат во случајов советниците и политичарите. Инаку, името си е име и  се’ќе е попусто и ќе испадне по онаа на Шекспир „Многу врева за ништо“, вели Јованоски.

Писателот Славе Ѓорго Димоски вели дека кејот сега го има вон епохалното име ”Македонија”.

- На дел од брегот на нашето сјајно Охридско Езеро, сега се даде вон епохалното име на нашата славна татковина. Нашата нација која со многу ја задолжила светската цивилизација, сега на кејот на најсветиот и најсветлиот град во земјава го даде името на ”Македонија” кое е единствено доволно достојно и светло, на нашето блескаво езеро, додава Ѓорко Димоски.

 

27.08.2014 - 09:59
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега