По одлежани 22 години затвор, платениот убиец на Пабло Ескобар пуштен на слобода

 

Џон Хаиро Веласкес, познат под прекарот Попеј, кој работел како платен убиец за злогласниот наркобос Пабло Ескобар, вчера е пуштен на слобода. Тој одлежа 22 години во затворот Комбита во Колумбија заради десетици убиства извршени во 80 - те години од минатиот век, пишува британски "Гардијан".

52 - годишниот Веласкес беше главниот платен убиец на Ескобар во текот на најкрвавите денови на делувањето на злогласниот Меделински картел, што во САД и Европа испорачуваше кокаин вреден со милијарди долари.

На судењето овој „многу продуктивен“ убиец призна дека убил стотици непријатели на Ескобар во судирите меѓу бандите од подземјето, во борбите за територии или за заштитата на трговските патишта.

Веласкес, во низа интервјуа, во пресрет на предвременото пуштање на слобода, наведе дека „има 80 отсто шанси“ да биде убиен откако ќе биде пуштен од затвор.

Заради заканите од одмазда на ривалите од претходно сторените убиства, Веласкес најави дека размислува за селење во странство и продажба во Холивуд на правата за екранизација на својата автобиографија и „животот покрај Ескобар“.

27.08.2014 - 09:17
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега