ВИДЕО: Поплавите во Чешка однесоа два животи

Синоќа во 21 часот, чешката влада прогласи вонредна состојба во целата земја освен во Пардубицкиот регион кој се наоѓа северно од Прага. 

Прогласувањето на вонредна состојба е со цел овозможување „ефикасно спроведување на конкретна спасувачка акција и отстранување на штетите од поплави“ оопшти премиерот Петр Нечас.

Тој дополни дека Владата одобрила 12 милиони евра за општините на кои им се потребни средства за решавање на итни ситуации во врска со надојдената вода и изрази подготвеност за исплата на дополнителни средства.

Владата исто така донесе одлука за ангажирање на 300 војници во Прага, како и 2.000 други припадници на Армијата за отстранување на штетите од поплавите.

Засега се евидентирани две жртви, а четири лица се сметаат за исчезнати.

Трет степен, односно најголема опасност од поплавите е прогласена на 50 места, а десетина патишта и железнички линии се во прекин.

Метрото во центарот на Прага е затворено, а автомобилскиот сообраќај и јавниот транспорт е ограничен.

Училиштата и градинките се затворени, со исклучок на факултетите.

Поради високото ниво на реката Влтава затворен е и Карловиот мост, една од најголемите туристички знаменитости. Низ центарот на Прага Влтава достигна 2.000 кубни метри вода во секунда, а метеоролозите предвидуваат денеска состојбата да кулминира на 3.000 кубни метри во секунда.

Во 2002 година, кога главниот град го зафати голема поплава кога надојде т.н „петстогодишна вода“, течеа 4.700 кубни метри вода во секунда.

Овој термин не значи дека се работи за поплава која се случува еднаш во пет века, туку статистичка мерка за означувањето на поплавата која може да се случи истата година два пати едноподруго.

најчитано сега