Штип: Кога на човек му фали даска, најлесно е да ја украде од градските клупи

Уништувањето на материјалните добра во Штип, десктруктивноста и вандализмот продолжуваат. На мета на непознати сторители изминатите денови биле повеќе клупи на неколку локации во Штип. Како што пренесува  „1.мк", оштетени се неколку клупи на новата патна спојница помеѓу населбите Дузлак и Баби, а речиси и нема клупа од која не е извадена даска.

Во месноста Суитлак, искршени се даските на една клупа, а оштетување има и на улицата „Радански пат". За разлика од тука, во населбата Баби, на улицата „Крушевска Република" откорната и однесена е една клупа. Ова не е прв пат да се прават обиди за вакви кражби, бидејќи пред извесно време имаше обид и за кражба на клупи од градскиот Исар, каде на платото пред споменикот на Револуцијата локалната самоуправа постави клупи за одмор. Од тука, секој може да види убав поглед на градот, седејќи и одморајќи.

- За жал, ваквите вандалистички чекори нема да ја поколебаат локалната самоуправа да продолжи да поставува клупи низ градот, бидејќи граѓаните тоа го бараат и заслужуваат. Секако, не сметајќи ги оние кои ги оштетуваат за ситни профитерства од типот на една или две даски, вели Драган Ристов, советник за односи со јавност.

26.08.2014 - 11:44
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега