Иванов ги прими акредитивите од новоименуваните амбасадори на Германија и Израел

 

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Сојузна Република Германија и на Државата Израел за Република Македонија, Кристине Алтхаузер и Дан Орјан.

На средбата со Алтхаузер, претседателот Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, истакна дека македонско-германските односи ги карактеризираат искрено пријателство, меѓусебна почит, континуиран политички дијалог и значајна  динамика  во соработката во повеќе области, додавајќи дека очекува натамошно интензивирање на соработката и поддршката во однос на македонските евроатлантски интеграции.

- За нас од особено значење е поддршката и помошта од СР Германија за реализација на нашите зацртани стратешки цели, членството во НАТО и во Европската унија. Република Македонија и нејзините граѓани решително и одлучно работат на реализацијата на овие цели. Тоа се цели кои во голема мера придонесоа за трансформација на нашето општество преку исполнувањето на евроатлантските стандарди и критериуми. Тоа се цели кои имаат кохезивна моќ во нашето мултиетничко општество, поради што уживаат апсолутна политичка, социјална и меѓуетничка поддршка. Република Македонија ги има исполнето сите критериуми за членство во Алијансата и е подготвена веднаш, неодложно да ја почне следната фаза за интеграцијата во ЕУ, порача  Иванов во поздравното обраќање.

Шефот на државата го нагласи интересот на Македонија за натамошно интензивирање на соработката со  Германија  во сферата на економијата и во сите останати области од заемен интерес. Воедно изрази уверување дека мерките и активностите што ги презема Владата за постојано подобрување на инвестициската и вкупната деловна клима, успешно ќе придонесат за натамошно унапредување на односите на овие полиња.

Новоименуваниот амбасадор Алтхаузер истакна дека ќе се заложи за продлабочување и проширување на  односите помеѓу двете земји, како и за унапредување на евроатлантската интеграција на Република Македонија.

- Во Скопје постои претставништво на германското стопанство. Германско-македонското стопанско здружение брои 170 фирми членки. Разновидноста и богатството во сите области на германско-македонските односи се резултат на ангажманот на многу луѓе во нашите две земји, што за мене претставува поттик а воедно и предизвик. Уверена сум дека овој ангажман е важен составен дел на нашите заеднички напори европската перспектива да стане реалност не само за македонското население туку и за целиот регион, рече Алтхаузер.

На средбата со амбасадорот Орјан, претседателот Иванов изрази задоволство од цврстата поддршка што Израел и ја дава на Македонија во изминатиот период од стекнувањето на нашата независност, додавајќи дека постојат можности за интензивирање економската соработка со цел унапредување на вкупните Македонско-израелски релации.  

- Иако изминатиов период евидентен е зголемениот интензитет на соработка, би сакал да констатирам дека постојат можности за нејзино унапредување во сите сфери од заеднички интерес, имајќи предвид дека Израел претставува високо развиена водечка светска нација во областа на науката, технологијата, културата,..., истакна македонскиот претседател. 

Орјан изрази надеж дека за време на неговиот мандат ќе придонесе за развојот и зацврстувањето на билатералните односи меѓу  Македонија и Израел кои наредната година ќе прослават јубилеј - 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи.

- Високо ги цениме напорите на вашите државни институции во подигнувањето на квалитетот на животот и на образованието, на Еврејската заедница во Република Македонија во минатото и денес, потенцира израелскиот амбасадор во обраќањето по повод предавањето на акредитивните писма и додаде дека Израел и посакува успех на  Македонија и во нејзините аспирации да стане земја-членка на ЕУ и НАТО.

Претседателот Иванов на двајцата амбасадори им посака успешно извршување на одговорната дипломатска функција и им изрази поддршка во вршењето на должноста.

21.08.2014 - 14:26
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега