Јанкулоска: Кандидатите кои се на обука ќе бидат оспособени за извршување на работните задачи

 

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска во Центарот за обука во Идризово ја посети последната група на регрутирани кадети кандидати за полициски службенци.

- Кандидатите, во моментов работат работни задачи и се оспособуваат по наставниот план од вториот модул кој се однесува на заштита на животот и имотот и заштита на државната граница. Денеска ги проследивме показните вежби кои потврдуваат степен на обученост на кандидатите за полициски службеници за работни задачи за обезбедување на државната граница, истакна Јанкуловска.

Кандидатите, појасни министерката, ги покажаа и своите вештини во спроведување со ситуација на откриени илегални мигранти. Факт е, рече таа, дека Република Македонија во последниве неколку години не е исклучок по однос на напливот на илегални мигранти од земјите каде што има кризни подрачја.

- Во последните шест месеци од оваа година откриени се 30 кривични дела кои се однесуваат на криумчарење илегални мигранти и за овие кривични дела пријавени се 46 сторители. Прокриумчарени се 203 мигранти од кои 80 се од Сирија, 63 од Авганистан, 25 од Сомалија, 19 од Еритреја, четворица се од Коморе, тројца од Бангладеш, по двајца од Палестина и Брегот на Слонова kоска и по еден илегален мигрант од Конго, Албанија, Пакистан и Гамбија, посочи Јанкулоска.

До крајот на обуката на оваа група, појасни министерката Јанкулоска, останува уште модулот за сообраќај и практичната работа по однос на секоја тематска целина. 

 

21.08.2014 - 12:58
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега