Архиепископот воздржан - Синодот ќе донесе конечна одлука за Австралија
Архиепископот Охридски и Македонски, г.г Стефан се воздржува од коментари за најновите состојби на австралискиот континентпо одлуката на Владиката г. Петар да го екскомуницира Претседателот на македонските црковни заедници, Игор Аврамовски Александров. Поглавоарот на МПЦ-ОА не сака ниту да ја коментира полемиката во јавноста меѓу двајцата администратори во Австралија, Владиците г. Петар и г. Тимотеј.
-Проблемот е премногу сериозен за да се решава преку медиумите, велат високи црковни избори, коментирајќи ја воздржаноста на Архиепископот. Истите извори велат дека молкот на Поглаварот на МПЦ-ОА е во насока на тоа проблемите, кои очигледно ескалираат, да добијат разрешница на Синод. Тие велат дека на следната синодска седница, деценискиот спор во Австралија ќе биде разгледуван од сите аспекти и ќе се бара одлука за конечно решение.
Завчера и Владиката г. Тимотеј се повлече од медиумските препукувања со Митрополитот г. Петар, со став дека Синодот во септември ќе го има последниот збор.
- Не сакам јавно да се расправаме со владиката Петар. Моето мислење ќе го кажам на следната синодска седница. Таму ќе ја разгледаме целата ситуација, кратко одговара, г. Тимотеј.
Администраторот на дел од епархијата во Австралија, Владиката г. Петар, пред два дена го обвини митрополитот г. Тимотеј дека застапува расколничка органицација.
-Владиката Тимотеј, може слободно да се каже дека е поглавар на една расколничка организација. Јас тоа го кажувам отворено и го поткрепувам, бидејќи Игор Александров е креаторот на таа расколничка организација, изјави г. Петар.
Оваа изјава беше реакција на ставот на Митрополитот г. Тимотеј дека Владиката г. Петар ги користи каноните за лична пресметка.
Владиката г. Петар одлучи да му забрани на Александров себе си да се претставува како верник, иако тој не е под негова директна надлежност.
Поради годишните одмори, синодската седница сѐ уште не е закажана, но се очекува таа да се одржи во првата половина од идниот месец. Тогаш се очекува владиците, на чело со Архиепископот г.г. Стефан, да го кажат своето мислење за овој проблем.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа