Херитиџ: Грција е единствената пречка поради која нема проширување на самитот на НАТО

 

Септемврискиот самит на НАТО во Велс треба да биде самит на проширување, а единствената пречка на тој пат е Грција која го блокира приемот на Македонија, пишува во анализата на Лук Кофи и Даниел Кочис од американската фондација Херитиџ.

- На изненадување на многумина, проширувањето не беше поставено како тема на Самитот во Чикаго во 2012 година, но тогашниот државен секретар Хилари Клинтон рече дека "ова треба да биде последен самит на кој немало проширување". И покрај овој став, нејзиниот наследник Џон Кери не покажа интерес да има проширување на Самитот во Велс. Со тоа претседателот Барак Обама е на пат да стане првиот американски претседател по крајот на Студената војна во чиј мандат не дошло до проширување на НАТО. Самитот во Велс треба да биде самит на проширување, со што ќе се покаже дека по демократските и воените реформи доаѓа заслужена награда. За жал, единствената земја која го попречува проширувањето во септември е Грција, со нејзиното постојано вето против Македонија, единствената земја која е целосно подготвена за членство, пишува во анализата на Херитиџ, една од водечките конзервативни аналитички институции во САД.

Експертите на Херитиџ препорачуваат, покрај проширувањето, на Самитот кој ќе се одржи следниот месец во Велс, НАТО треба да им стави јасно на сите дека ќе обезбеди територијална заштита на сите членки и да донесе одлука за постојано распоредување на сериозни сили во источна Европа. Овие мерки се замислени како одговор на украинската криза и стравот од руска закана во источните членки на НАТО. Херитиџ воедно препорачува НАТО да ја смени стратегијата, и од подготовка за операции против герилски групи, соодветна за Ирак и Авганистан, да се врати на задачата за колективна одбрана на Европа.

Кофи и Кочис воедно ја претставуваат тешката финансиска состојба на одбраната во Европа, оценувајќи дека од 2 милиони војници колку што членките на НАТО имаат на хартија, само 5 проценти се доволно обучени и опремени за да можат да бидат распоредени надвор од границите на нивните земји. За подобрување на нивната готовност, експертите на Херитиџ бараат да се почитува обврската секоја земја - членка да троши најмалку 2 проценти од својот бруто - домашен производ на одбрана, ниво кое од 28 членки во моментов го исполнуваат само САД, Британија, Естонија и Грција. Затоа, Херитиџ препорачува на Самитот во Велс да се организира средба и на министрите за финансии, на која ќе се разговара за новите, дополнителни воени трошоци.

20.08.2014 - 10:14
Фото: 
денешн
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега