Денеска е Преображение Господово - празникот кој има длабока смисла во животот на нашиот народ
Празникот Преображение по својата смисла и значење за човечкиот род е еден од централните христијански празници. Се базира на настанот на Христовото преобразување, т.е. покажување на неговата божественост пред најблиските ученици Петар, Јаков и Јован на Таворската Гора кратко време пред неговото страдање во Ерусалим. Важноста на овој настан за човечкиот род е одлично искажана во зборовите што апостол Петар ги кажува во некакво изумување, а кои сведочат за значењето на непосредниот однос на човекот со Бога. Тие зборови се: Господи, добро ни е овде. Во црквата смислата и значењето на празникот секогаш најдобро се искажуваат во тропарот на денот, кој за овој празник гласи: Си се преобразил на гората Христе Боже, покажувајќи им ја својата слава (божественоста) на твоите ученици, колку што можеа да примат; и нам грешните да ни заблеска твојата вечна светлина, т.е. светлината на вистинското знаење, богопознание.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа