Синодот преплавен со писма од Австралија за поддршка на Александров и Владиката Тимотеј

 

 

Синодот на Македонската православна црква-ОА деновиве е затрупан со писма од Македонците во Австралија, кои реагираат за скандалозната одлука на Владиката г.Петар, со која му забранува на Игор Аврамовски Александров, претседателот на асоцијацијата на македонски црковни заедници во Австралија, себе си да се нарекува верник на МПЦ.

Тие со големо зачудување и загриженост, како што велат во писмата, го читале „декретот“ на Владиката Петар за божемно екскомуницирање на Игор Александров од православната вера.Бараат Синодот на МПЦ целосно да го повлече Владиката г. Петар од Австралиско-новозеландската епархија. Според нив, тоа е најдобро решение за МПЦ и за нејзините верници.

Најгласен во рекациите е Крис Ангелков, потпретседател на Македонска општина од Западна Австралија кој смета дека г. Петар со оваа одлука си игра мајтап со одлуката на Синодот од декември 2012 година, 11 општини со 13 црковни храма да припаднат под надлежност на Владиката г. Тимотеј.

- Апсурдно е да се помисли дека Петар Каревски може да екскомуницира некој кој воопшто не е член на епархија во која тој има јурисдикција. Овој последен очајнички обид на Петар Каревски да го дискредитира нашиот официјален претставник, Игор Александров е само уште еден пример на страмното, расколничко и нехристијанско однесување и рушење на народните темели на МПЦ за кои тој стана прочуен, пишува Ангелков во писмото до Синодот

Смета дека од Декември 2012 до денес постигнале напредок во воспоставувањето на вистинска Епархија на МПЦ во Австралија, каква што г. Петар не успеал да постигне во неговите 17 години од мултимилионски судски спорови, насилства врз цркви, свештеници, верници, клетви, клевети и прогласи за екскомуникација и расчинување, со кои само ги исцрпил заедниците, ги разочарал верниците и го нарушил достоинството на МПЦ. 

- Досега постигнавме едногласна согласност за нацрт-конституција за регистрирање на Епархија меѓу сите наши општини, а Игор Александров како наш претставник постигна согласност со Митрополитот г. Тимотеј и за нацрт-статут, кој моментално го разгледуваат нашите општини и очекуваме да го одобрат на заедничко собрание пред крајот на годинава, ако не и во текот на наредниот месец. Регистрирањето на Епархијата е прашање на формалност.  Тоа е историски чин за МПЦ, кој Петар Каревски очигледно сака да го спречи, затоа што не може да поднесе некој друг владика на МПЦ да се покаже како поуспешен од него и не може да поднесе нови докази дека лажел кога тврдел дека неговите противници се против МПЦ и против постоењето на валидна Епархија на МПЦ во Австралија, додава Ангелковски.

Го повикува Синодот итно да застане во одбрана на достоинството и угледот на МПЦ со официјално отфрлање на овој неканонски, незаконски и апсурден „декрет“ на Владиката Петар и неговиот, како што вели Ангелков, таканаречен Епархиски Суд. 

- Ако Синодот не го направи тоа, индиректно ќе укаже дека бил запознаен и го поддржал ова несовесно рушење на единството и достоинството на Македонската православна црква.
За доброто на МПЦ-ОА  и верниците  сметаме дека  е време да биде повлечен од Австралиско-новозеландска Епархија како Администратор, а воедно и како Митрополит Преспанско-пелагониски и да биде ставен во мирување, затоа што ги исполнува условите за да оди во старосна пензија, како што го сторивте со поранешниот Европски Митрополит Господин Горазд, додава Ангелков.

Неговиот став го поддржува и Јоте Ќандовски, претседателот на Македонска православна црква „Свети Никола“ во  Перт, Западна Австралија

Љубен Стојчески, претседателот на Македонската православна заедница од Бризбан вели дека со овој чин Петар повторно докажал дека во декември 2012 година биле во право кога рекле дека Синодот не може да го реши расколот и да си го врати угледот во Австралија ако повторно му даде благослов на Владиката Петар да владее макар и со еден храм .

- Тој ќе продолжи да ја користи својата позиција за да попречува секакви обиди на Митрополитот г. Тимотеј или било кој чесен владика, свештеник или верник за основање на вистинска, законски регистрирана Македонска православна епархија во Австралија.

Никој од нас не го признава Петар за православен владика и не оди во неговите божемни цркви, па затоа нема од што тој да не екскомуницира. Со таквите постапки тој само го срами Синодот, ја срами МПЦ и го нарушува авторитетот на Митрополитот г. Тимотеј, кој ние го прифативме како наш владика, вели Стојчески.

Според него, со овој злонамерен чин Петар отворено го негира авторитетот на Синодот кој еднаш одлучи дека тој не е надлежен да води било каков црковен суд против Игор Александров или било кој верник кој е под духовно водство на Владиката Тимотеј.

- Зборуваме за истиот Петар кој го прогласи и изборот на Архиепископот г.г Стефан за неканонски и до ден денес не го порекнал таквиот став. Да не редиме тука уште колку владици, архиепископи, попови и десетици илјади верници до сега Петар тврдел дека се невалидни и лажно ги оцрнувал само заради негови лични интереси и лична освета, нагласува Стојчески.

Вели дека е време Синодот да му ги одземе сите надлежности на Владиката Петар во МПЦ.

 

19.08.2014 - 00:58
Фото: 
турлитава
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега