Во тек огласот „Ало докторе“ - досега пристигнати 9 апликации
Министерството за здравство, во рамки на Програмата „Здравје за сите“ почна со подготовки за реализација на проектот „Телефонска линија за медицински совети - Ало Докторе!".
За таа цел на 5 август беше објавен оглас за изразување интерес на доктори кои ќе работат во новоформираниот повикувачки центар.
Од Министерството соопштувааѕ дека на огласот досега се пристигнати 9 апликации од различни специјалности во медицината, кои согласно критериумите, треба да имаат најмалку 10-годишно работно искуство како доктори-специјалисти. На конкурсот може да аплицираат доктори кои се вработени во јавни или приватни здравствени установи, како и невработени или пензионирани доктори. Работата во повикувачкиот центар за докторите кои се во работен однос, ќе се одвива вон работното време.
Министерството за здравство потсетува дека огласот е отворен до 20 август и воедно ги мотивира сите заинтересирани доктори да аплицираат по електронски пат на mail-адресата: alodoktore@zdravstvo.gov.mk.
Повикувачкиот центар ќе почне со работа од 15 септември и ќе обезбедува советодавни здравствени услуги, односно консултации и упатства за граѓаните при појава на сипмтоми за кои не е неопходен итен медицински третман (главоболка, настинка, покачена телесна температура, и сл.).
Телефонската линија ќе биде достапна 7 дена во неделата, по 24 часа, со цел да се овозможи непосредна медицинска консултација за граѓаните во моментот на појава на било какви симптоми на нарушување на здравјето, а воедно докторите ќе даваат медицински консултации и совети за правилна употреба на лековите, со акцент на лековите од ОТЦ-листата кои се достапни во продажба во супермаркетите и бензинските станици.
Докторите во повикувачкиот центар од „Ало Докторе“, ќе бидат поврзани и со националниот електронски систем „МојТермин“ и ќе можат да му помогнат на пациентот со известување за следните чекори во однос на извршената телефонска консултација.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа