По 20 години во Стоби ќе биде вратен мозаикот од централниот брод на Старата епископска базилика
На крајот на септември се очекува во археолошкиот локалитет Стоби да биде вратен мозаикот од централниот брод на Старата епископска базилика, еден од најстарите ранохристијански објекти во Република Македонија. По дваесет години посетителите на Стоби ќе имаат можност повторно да го видат овој раскошен мозаик, кој бил изваден во 1991 година.
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и градоначалникот на Велес Славчо Чадиев денеска го посетија локалитетот, каде на симболичен начин го означија почетокот на работата на суверница, која е 19-та поставена од планираните 20 во рамки на проектот на Министерството за култура.
- Од особена важност е што мозаикот од околу 180 метри квадратни површина да биде вратен во Епископската базилика како што се очекува на крајот на септември. Тоа ќе биде една огромна атракција за сите туристи и за граѓаните на Република Македонија. Од октомври граѓаните ќе имаат можност да ја видат оваа огромна мозаична содржина. Денеска ја видовме и шемата, секој дел има различен вид шара на интересни мозаици коишто се целосно конзервирани од страна на стручните лица, изјави министерката Канческа Милевска.
Мозаикот одоздола е заштитен со алуминиумско саќе, додека одозгора ќе биде заштитен со покрив.
И оваа година локалитетот Стоби беше опфатен со истражувањата во делот на капиталните проекти на Управата за заштита на културно наследство.
- Покрај тие истражувања паралелно се работеше и на археологија и на истражување на театарот во Стоби. Од формирањето на НУ „Стоби“ резултатите и подемот на оваа институција се на многу високо ниво. Во текот на истражувањата на Стоби се откриени 51 гроб каде што беа пронајдени голем број предмети. Сега оди фазата на конзервација на сите тие предмети така што до крајот на годината ќе можат да бидат презентирани пред јавноста. Покрај откривањето на овие гробови и на предметите паралелно се работи на конзервација на метал, на керамика, на мозаик, изјави министерката Канческа Милевска.
Што се однесува до истражувањата, археологија и реконструкцијата на театарот Министерството за култура, информира таа, секоја година издвојува средства се со цел да биде конзервиран и реставриран целиот театар.
Стоби, според министерката, има огромен потенцијал и археолошки и културен и овој потенцијал државата мора да го искористи. Се очекува според неа за две до три години овој театар да биде реконструиран.
Информираше дека според измените на законот за конзерваторско се издадени 12 нови лиценци, а во следниот период се очекува да бидат доделни уште седум вакви лиценци.
- Во НУ „Стоби“ на конкурс вработивме четворица конзерватори кои паралелно работат на сите овие лаборатории.
Отворањето на сувенирница во рамки на Стоби ќе овозможи посетителите, чија бројка на годишно ниво изнесува преку 13 илјади, да имаат можност да си купат по еден карактеристичен сувенир од Стоби и од Македонија.
- Имавме планирано да отвориме 20 сувенирници. Досега со оваа сувенирница се поставени 19. Последната се планира да биде поставена пред Музејот на град Скопје со што ќе го затвориме и овој проект, рече Канческа Милевска.
Директорката на НУ „Стоби“ Силвана Блажевска истакна дека оваа година НУ Стоби реализираше пет од вкупно 10 проекти.
Во текот на летово во соработка со фондацијата „Балканско наследство“ беа реализирани и две интернационални работилници за конзервација на керамика и на мозаик, како и интернационалната археолошка школа во која учествуваа археолози од повеќе земји. Започна реализацијата на двата проектa за конзервација на метални предмети, стаклени садови и камени споменици, а во тек е и подготовката на проектот за конзервација на мермерната скулптура на Афродита од 2 век од н.е. Ископувањата, пак, во делот на Храмот на Изида ќе се одвиваат во текот на септември, кога ќе продолжи и проектот за конзервација и реставрација на театарот.
За оваа година е предвидено да бидат конзервирани и реконструирани сводовите од тули на централниот радијален коридор и страничните простории, по што ќе следи конзервацијата и реконструкцијата на лежиштата за седишта. Се очекува дека до 2015 година, театарот да биде подготвен за реконструкција на мермерните седишта во источната половина.
Градоначалникот на Велес Славко Чадиев рече дека локалитетот Стоби има особено значење за Вардарскиот плански регион, кој се наоѓа во непосредна близина на магистралниот пат Е-7.
МИА
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа