Вардар почна победнички од Струга - Санкт Петербург е друга класа

Најтрофејниот македонски ракометен клуб, и актуелен освојувач на Купот и на СЕХА лигата, Вардар со победа го започна настапот на традиционалниот меѓународен ракометен турнир во Струга. Вардарци во првото коло го совладаа рускиот вицешампион Санкт Петербург, со 35:22 (16:13).

Ова беше прв натпревар на Вардар за новата натпреварувачка сезона, и деби на новите засилувања Арпад Штербик, Блаженко Лацковиќ и Сергеј Гробок, кои покажаа дека „црвено-црните“ во сезоната што следува ќе бидат сериозен тим, со високи амбиции. Рускиот тим беше првиот што ја почувствува новата сила на Вардар.

Ривалот имаше сили само за првото полувреме, во кое се водеше израмнета битка со блага предност на страната на Вардар. Нашата екипа имаше два гола предност по 20 минути игра при резултат 10:8, а најголемата во првиот дел изнесуваше три гола, која што успеавме да ја задржиме до крајот на првото полувреме. Фантастична игра во овој период прикажа Тимур Дибиров кој беше стрелец на седум погодоци.

Откако во вториот дел на голот застана Арпад Штербик, одбраната на „црвено-црните“ остана нерешлива загатка за руските ракометари. Нашиот голман успеа да одбрани шест упатени топки кон неговиот гол во првите 10 минути од вториот дел, а тоа го искористија во нападот и направија серија од 9:1, за водство од 25:14. Како одминуваше времето позитивата растеше, за на крајот да изнесува 13 гола, односно 35:22.

Голем придонес во победата имаше и голманот Штербик кој успеа да прокнижи девет успешни интервенции, сите во второто полувреме. За екипата на Ст. Петербург Пушкин беше стрелец на пет гола.

Вардар утре го игра вториот натпревар на турнирот против екипата на Металопластика. Овој меч стартува од 19.00 часот.

Вардар – Санк Петербург 35:22 (16:13)

Вардар: Штербик (9 одбрани), Милиќ (5 одбрани), Стоилов 3, Лацковиќ, Брумен 1, Прибак 5, Терзиќ 3, Тоскиќ, Јовчески, Марковиќ 3, Карачиќ 6, Душебаев 3, Абутовиќ, Лазаров, Растворцев, Дибиров 7, Чипурин 2. 

Санк Петербург: Шичко, Насиров, Харбуз, Киселев 1, Кузмин 3, Јунисбеков 4, Кису, Пушкин 5, Чезлов, Благонадеждин 3, Мирзоев 1, Kалараш 2, Кунгуров 1, Коваленко, Kиреев, Дриапочко 2.

14.08.2014 - 23:54
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа