Матеј не ни знаеше дека е погоден - почина пред вратата на болницата во Струга

Вевчанецот Здравко Србакоски, кој вечерта во средата уби двајца и рани уште двајца соселани неколку часа претходно го најавил крвавиот пир, но никој не го сфатил сериозно бидејќи бил под дејство на алкохол, пишува Вечер
Весникот контактирал со очевидец на двојното убиство, кој бил на истата маса со жртвите и ранетите. Тој се уште во шок вели дека е чиста среќа што останал жив и што нема повеќе жртви.

- Можеше сите да на испотепа. Останавме неповредени бидејќи бевме од неговата лева страна, а во таа рака држеше метална палка, вели нашиот соговорник.

Тој тврди дека сопственикот на локалот "Пјаца“, Владо Попески, не му должел пари на Србаковски и дека, напротив, го издржувал и му помагал.

- Рани куче да те лае, што да ви кажам. Каков долг какви глупости. Да не беше Владо тој ќе умреше од глад, вели тој.

Србакоски работел како поштар во селото и отсекогаш важел за проблематичен и избувлив човек. Тој често знаел да се напие и да се заканува, но никој не го сфаќал сериозно. Пред дваесетина години украл пари, па затоа побегнал од селото и дваесет години живеел во Хрватска. Во Вевчани се вратил пред две години.

Оттогаш не работел ништо и цело време се расправал со соселаните. Попески бил еден од ретките што му помагале. Неколку месеци наназад тој тврдел дека Попески му должел пари и му ги барал. Често и јавно се заканувал дека ќе го убие ако не му ги врати парите, но соселаните мислеле дека тоа биле само празни закани.

Вчера попладне тој дошол во "Пјаца“ и застанал на масата на која седел Попески со уште шест- седум пријатели. Бил пијан и почнал да се заканува. Дојде и почна да вика и да се заканува. Пијан беше, па затоа никој не му возврати ништо. Одмолчевме, а тој си замина, раскажува сведокот.

Србакоски отишол во пензионерскиот дом каде на неколку соселани им кажал дека вечерта ќе

го убие Попески, но за жал и тие мислеле дека тоа е уште една закана во низата, па ниту8

реагирале ниту му кажала на Попески.

-Вечерва ќе има трагедија, ќе видите, им рекол Србакоски на соселаните.

Околу 21 часот се вратил пред локалот „Пјаца“ вооружен со палка во едната и пиштол во другата рака. Попески и неговите пријатели сфатиле дека ќе има проблем дури откако го виделе репетираниот пиштол во неговата рака. Тие останале на масата и продолжиле да го игнорираат.

Меѓутоа тој замавнал со палката и тогаш неколкумина срипале и се обиделе да му ја земат и да го разоружаат. За жал не биле доволно брзи, па тој го испразнил шаржерот во нив.

- Како низ магла се сеќавам. Дојде со палка и пиштол. Се стаписавме кога го видовме пиштолот. Продолжи да вика и да пцуе. Ние молчевме. Тогаш замавна со палката и не знам кој точно стана за да се одбрани и да му ја земе. Станаа уште неколкумина и тогаш одекнаа истрелите. Пукаше од непосредна близина еден, два метри, без да гледа во кого. Владо не ни стана од столчето, раскажува вевчанецот, се уште во шок од преживеаното.

Од истрелите Попески починал на самото место, а останатите иако ранети почнале да бегаат. Србакоски си заминал дома како ништо да не се случило. Младиот Матеј Ѓурчевски, не ни знаел дека е ранет. Тој бегал заедно со пријателите и по педесетина метри забележал дека има дамка крв на маицата која брзо се шири. Застанал и побарал помош од нив.

-Трчавме заедно еден до друг. Не ни знаеше дека е ранет. Одеднаш застана и ми кажа "помагај ранет сум“.
Го внесовме во автомобил и тргнавме кон Струга. Беше контактибилен и мислевме дека ќе го спасиме. Почина моменти пред да стигнеме во болница, вели нашиот соговорник. Од истрелите на Србакоски ранети биле и Илија Пржитоски и Горан Коруноски кои се хоспитализирани во струшката болница. Нив им е укажана лекарска помош и не се во животна опасност.

-Едниот е во добра состојба, стабилна има прострелна рана меѓутоа не е пенетрална. Четвртиот пациент е пренесен во костозглобна болница со фрактура и крварење, но е во добра состојба , изјави Речи Илми, дежурен доктор.

 

Од МВР информираа дека Србакоски бил уапсен во својот дом каде заминал по двојното убиство. Кај него бил најден и одземен пиштолот за кој полицијата соопшти дека го поседувал со дозвола. Оружјето е дадено на вештачење. Полицијата засега нема информација која е точната причина поради која вевчанецот посегна по животот на своите соселани бидејќи со убиецот се уште се разговара. Според најавите против него денеска ќе бидат поднесени кривични пријави и ќе биде изведен пред судија на претходна постапка кој ќе му одреди притвор. Вевчанци во шок од настанот велат дека ова е најтешката трагедија која го погодила селото во досегашното постоење.

14.08.2014 - 23:05
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега