НОВ СКАНДАЛ: Владиката Петар се замислува дека е Господ

Немаат крај скандалите што Владиката г. Петар ги произведува на австралискиот континент. Овој пат Владиката на МПЦ донел одлука со која тој проценува кој може, а кој не може да биде верник на Македонската православна црква.  За да биде скандалот уште поголем, Владиката г. Петар почнал да се меша и во приватните животи на верниците, нивните бракови и семејства. Дрскоста отишла дотаму што само неговиот благослов бил валиден за нечија венчавка или крштевка. Ова е досега невиден скандал, кој сериозно ќе се одрзи врз работата на Македонската православна црква, особено што Владиката Петар во австралиско-новозеландскиот црковен проблем почнал да ги вмешува и семејствата, меѓу кои и малолетни деца на неговите неистомисленици.

Пресс24, дознава дека Владиката г. Петар, заедно со уште двајца свештеници одлучил да му забрани на Игор Аврамовски Александров, претседателот на асоцијацијата на македонски црковни заедници во Австралија, себе си да се нарекува верник на МПЦ. Иако на прв поглед наводната пресуда на г. Петар за екскомуникација, (исклучување од православната црква) изгледа смешна, сепак таа сама по себе е скандалозна и може да предизвика сериозен раскол во МПЦ, бидејќи воедно претставува и директно мешање во ингеренциите на друга епархија. Пресудата е донесена 17 јули 2014-та, а од декември 2012-та, Г. Петар не е надлежен Архиереј на МПЦ за 11 црковни општини и 13 храмови, меѓу кои е и црковната општина во Сиднеј, каде Александров е нејзин генерален раководител. Со тие црковни општини управува Владиката г. Тимотеј, како претставник на Синодот на МПЦ.  Мешањето во работата на туѓа епархија е кршење на основните црковни канони, престап кој се сакционира и со расчинување на Владиката кој тоа го направил.

-Ова е сериозен инцидент што го прави Владиката г. Петар за кој македонските владици не смеат да останат глуви, бидејќи може да повлече серија конфликтни ситуации во САС на МПЦ, велат црковни извори.

Она што исто така е скандалозно е што во пресудата како докази и образложение за екскомуникацијата се наведени јавните изјави на Александров давани за македонските медиуми. Истовремено г. Петар со оваа пресуда јавно повикува на дискриминација, верска нетрпеливост и омраза, кон Игор Аврамовски Александров , нешто што и според австралиските закони, но и според македонските закони е кривично дело.

“Доколку лицето Игор Аврамовски Александров се обиде лажно да се претставува како верник, против него да се покрене постапка за фрлање анатема (проклетство) на него. Оваа пресуда откако биде потврдена од АЦС, да се објави на богослужбите на верниците на МПЦ”, стои како заклучок на пресудата за екскомуникација, потпишана од г. Петар.

Прес24, дознава дека ваквиот потег на г. Петар предизвикал остри реакции меѓу македонската дијаспора во Австралија, оценувајќи ја оваа одлука како најскандалозна во деценискот  црковен спор во Австралија.

Игор Аврамовски Александров, во обид да спречи поголема ескалација на состојбите, особено сега во период кога по преземањето на јуриздикцијата на Синодот врз најголемиот број црковни општини, преговорите со владиката г. Тимотеј одат во позитивен првец за конечно решение на спорот, веднаш го известилСинодот на МПЦ.

 Тој не сака да зборува за случајот се додека не добие одговор од Синодот. Прес24, дојде до дел од текстот на писмото што Александров го испратил до Синодот.

“Кога прв пат Петар се закани со ваква одлука, од Митрополитот Тимотеј добивме информација дека Синодот му посочил на Петар дека нема надлежност да води такви судски постапки против мене или против било кој парохијанин на црковните општини кои се под надлежност на г. Тимотеј.  Ако и покрај тоа тој продолжил со неканонската пресуда, тоа значи дека или не ги почитува одлуките на Синодот и ќе продолжи да го минира процесот за регистрирање на валидна Македонска православна епархија за Австралија, под надежност на г. Тимотеј, или пак нешто е сменето во ставот на Синодот од за нас непознати причини.

 

Моментално, во процес е разгледување меѓу нашите општини на нацр-Статутот за регистрирање на Македонска православна епархија за Австралија, за кој неодамна лично му дадов збор на г. Тимотеј дека ќе се залагам да го прифатат сите наши општини.  Деновиве треба да закажам собрание на делегати на сите општини, кои ќе го разгледаат нацртот и ќе гласаат за негово усвојување.  Но пред да го вложам мојот личен кредибилитет ставајќи на дневен ред таков предлог, Ве замолувам под итно да ми потврдите дали Синодот го смета ваквиот злонамерен и неканонски проглас на Петар за моја ‘екскомуникација' како валиден и дали сметате дека тој има право да прави такви прогласи за било кој друг активист, парохијанин или свештеник на нашите општини.

 

За да се задржам јас на мојот збор, треба да знам дека и Синодот се задржува на својот.  Во никој случај не би си дозволил да промовирам дива, неканонска Црковна власт во Австралија во која Петар ќе може слободно да продолжи да го злоупотребува името на МПЦ за неговите злонамерни прогласи на расчинување и екскомуникации и свесно да предизвикува на омраза и насилство врз свештенството и активистите на нашите општини, како средство за остварување на неговото властољубие и осветољубие.  Ако Синодот има намера да му премолчува додека тој и понатаму така се однесува кон верниците врз кои нема никаква надлежност, подобро би било да се посветам исклучиво на разобличување на неговата недостојност како владика и на разобличување на злоупотребата на името на МПЦ и црковните чинови на сите соучесници во неговата антимакедонска и нехристијанска хајка.  Тоа неминовно ќе значи и граѓанска судска постапка во која Петар ќе биде принуден да ја докаже канониноста во општиот православен свет на неговиот таканаречен Епархиски црковен суд, бидејќи тој се однесува како да пресудува во име на целото православие.”, му напишал Александров на Синодот на МПЦ.

14.08.2014 - 21:52
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега