Патната инфраструктура во источна Македонија добива нов лик
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски, денеска изврши увид на градежните активности на експресниот пат Велес-Штип до Кадрифаково.
-Овој патен правец е ветување во програмата на Владата, но исто така и барање и потреба од граѓаните. Оваа делница е стара над 50 години, а по завршување на градежните работи ќе се овозможи побезбеден и помодерен сообраќај, истакна Јанакиески.
Реконструкцијата со одредено проширување чини околу 15 милиони евра, а вкупно се опфатени 24 километри. Еден дел од патниот правец веќе е завршен.
Во моментов се работи и на проектирањето за проширување и реконструкција на делницата од Штип до Кочани кој се очекува да започне со градба кон крајот на наредната година. Во тек е изградбата и на автопатот „Гоце Делчев“ од Скопје до Штип, а Јанакиески истакна дека паралелно се работи на голем број локални патишта со што Владата работи посветено на реализација на програмата ветена пред граѓаните.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа