Силен земјотрес ја стресе Кина - загинаа најмалку 71 лице, повредени 2.200

 

Билансот на настрадани во силниот земјотрес со јачина од 6,6 степени според Рихтеровата скала,  што утринава ја погоди југозападната кинеска провинција Сечуан, се накачи на 71 лице, јави кинеската агенција Ксинхуа, наведувајќи дека околу 2.200 лица се повредени.

 

Потресот се случил во близина на  местото што беше погодено со земјотресот во 2008 година, во кој погинааа речиси 70.000 лица.

Американскиот геолошки институт соопшти дека земјотресот се случил утринава околу  8 часот по локално време во округот Лушан, во близина на градот Јаан, на длабочина од 12 километри, јавија агенциите.

Потресот се почувствувал и во соседните провинции и провинциската престолнина Ченгду, па затоа многу луѓе во паника истрчале од зградите.

Ксинхуа наведува дека билансот на настрадани се накачи на 71 лица, а 2.200 се повредени, од кои 147 се во тешка состојба.

Кинескиот претседател Сји Џинпинг и премиерот Ли Кечијанг соопштија дека сите напори мораат да се насочат кон спасување на жртвите, а билансот на настрадани да се намали колку што е можно повеќе.

Спасувачките екипи се на лице место, каде, како што Ксинхуа наведува, се испратени и 6.000 војници.

Повеќето жртави настрадале во Лушан каде е прекинат дотокот на вода и струја, а во селата во близина на  епицентарот на потресот речиси сите ниски градби се урнати.

 

најчитано сега