Две основни и едно средно училиште ќе никнат во Шуто Оризари
За околу 560 ученици ќе се зголеми капацитетот на основното училиште „Браќа Рамиз Хамид“ во општина Шуто Оризари, каде се во тек градежните зафати за доградба на објектот.
Со инвестиција од 73,4 милиони од буџетот на Министерството за образование и наука, училиштето добива дополнителни два ката со вкупна површина од 2.000 метри квадратни, 21 училница, санитарии и атриум, а комплетно ќе биде опремено до крајот на септември.
Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми денеска го посети училиштето во кое се изведуваат градежни активности и изјави дека таа не е единствената инвестиција во општината Шуто Оризари, зашто е доградено и ОУ „26 Јули“ и е изградено ново средно училиште, прво во таа општина.
- Со средства на МОН е извршена и доградба на објектот на основното училиште „26 Јули“, со што се обезбеди дополнителен простор од 1.080 метри квадратни за настава за околу 270 ученици во една смена. Изградени се нови девет училници и помошни простории на приземјето и на првите два ката, додека на последниот кат има сала за состаноци. Градбата е целосно завршена и во наредниот период ќе биде отпочната постапка за избор на најповолен понудувач за опремување со мебел, изјави Адеми.
Во тек е и опремувањето на првото средно училиште во оваа општина, кое има 14 училници и четири кабинети. Во средното училиште во Шуто Оризари МОН инвестираше 87.5 милиони денари. Објектот има подрум, приземје и кат со вкупна површина од 2.400 метри квадратни. Во состав на објектот е изградена и училишна спортска сала.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа