Педесет пациенти ќе добијат апарат за кислородна терапија во домашни услови

 

Апарат за кислородна терапија во домашни услови бесплатно на трајно користење ќе добијат 50 пациенти со потешка форма на хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), согласно медицицинските критериуми кои ги утврди Клиниката за пулмологија. Ова е нов проект кој Фондот за здравствено осигурување на Македонија го реализира на иницијатива на Клиниката. Педесетте пациенти се меѓу стоте кои заради кислородна терапија, просечно три пати годишно по еден месец се хоспитализирани на Клиниката. Бројот на пациенти со ХОББ е 390.

Директорката на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Маја Парнарџиева Змејкова денеска на прес-конференција во Клиниката истакна дека за 50-те апарати се набавени од наменски буџет на Клиниката во вредност од 1,7 милиони денари. Појасни дека во ноември ФЗОМ во преговори со Клиниката за пулмологија ќе ја утврди потребата за обезбедување нови концентратори за кислород и за таа намена ќе биде одобрен дополнителен условен буџет.

- Досега за овие пациенти Клиниката алоцирала околу 257.000 денари годишно по пациент или дури 12 милиони денари биле алоцирани за пациентите да бидат хоспитализирани. Никој не бил задоволен од оваа ситуација, ниту пациентите, ниту Клиниката, а нормално тоа е одлив на финансиски средства без никакво задоволство, рече Парнарџиева Змејкова.

Затоа, посочи таа, со оваа мала инвестиција како наменски буџет кој го направивме заедно со Клиниката цениме дека пациентите ќе бидат задоволни, нема да има хоспитализации и нема да има потреба приватно да ги купуваат тие апарати.

- Клиниката ќе биде растеретена и ќе може да се фокусира на останатите пациенти, да се подигне нивото на здравствена услуга од страна на Клиниката, да се пренаменат тие 12 милиони денари за повисока квалитетна услуга за сите осигуреници. Со тоа бенефит има и Фондот бидејќи ќе има задоволни доктори и осигуреници, нагласи директорката на ФЗОМ.

Појасни дека по воведување на комбинираната терапија на позитивната листа на лекови за овие пациенти ефектите се евидентни бидејќи е намален бројот на хоспитализации, но, според неа, тоа не е доволно.

- Ние постојано гледаме што може да воведуваме по примерот на светските искуства и да ги гледаме бенефитите по некое време, додаде Парнарџиева Змејкова.   

Директорката на Клиниката, Бисерка Јовковска Ќаева рече дека ранг листата за пациенти кои ќе добијат апарат ја изготвила Комисија формирана во таа јавна здравствена установа. Посочи дека тоа се пациенти со хронична опструктивна белодробна болест, кои минимум 15 часа дневно треба да користат кислородна терапија која е најважниот лек во нивното лекување.

- Најголемиот број болни кои се хоспитализираат се болните со хронична опструктивна белодробна болест. Најтешко болните доаѓаат само да дишат кислород. Сега на овој начин ќе го примаат кислородот дома, ќе се поштеди семејството, Клиниката од дополнителни лабораториски испитувања, од скапи лекови бидејќи секој престој на Клиниката носи ризик за дополнително влошување-болните знаат да направат тромбоемболија, гастрично крварење...тоа е се во рамки на еволуцијата на болеста, истакна Јовковска Ќаева. 

Потенцира дека пациентите со апаратите добиваат во квалитет на живот и си го продолжуваат својот животен век. Покрај одвикнувањето од пушењето, долгогодишната континуирана терапија, нагласи, е таа која го поштедува целиот организам од оштетување на највиталните органи. 

- Бенефитот за Клиниката е што се зголемува бројот на лежечки места на кои ќе можеме да лекуваме други белодробни патологии. Ова е втор проект на Фондот во лекувањето на оваа тешка категорија болни. Пред неколку години Фондот успеа да стави на позитивната листа на лекови повеќе препарати за оваа категорија болни, тоа е комбинираната инхалаторна терапија, а ефектите од неа се евидентно намалување на бројот на болни во амбулантата, додаде Јовковска Ќаева. 

Претседателот на Комисијата за доделување апарати за кислородна терапија во домашни услови, Јагода Стојковиќ рече дека хронична опструктивна белодробна болест е дефинирана како еден абнормален воспалителен одговор на белите дробови на чад од цигари, аерозагадување итн.

- Има многу пушачи и затоа имаме голем број пациенти кои имаат хронична опструктивна белодробна болест, но не сите пушачи ја развиваат болеста. Околу 20 до 25 отсто ја развиваат болеста. Има и генетска импликација која современата наука целосно се уште не ја разјаснила. Не сите пациенти со хронична опструктивна белодробна болест имаат потреба да примаат кислородна терапија. Кога болеста напредува тоа воспаление доведува до оштетување на сите структури на белите дробови не само на дишните патишта, истакна Стојковиќ.

Посочи дека тогаш кога состојбата ќе се искомплицира со респираторна инсуфициенција, а тоа значи дека има пад на кислород во крвта, тогаш треба да се спречи прогресија на болеста. Упати апел матичните лекари да им препорачаат на пушачите кои имаат кашлица, искашлување и отежнато дишење да направат спирометрија и да ги испратат на испитување со цел порано да се детектира болеста.

Неколку пациенти на кои им беше доделен апарат се заблагодарија и истакнаа дека полесно ќе се справат со болеста со примена кислородна терапија во домашни услови. Обучен тим сестри ќе им бидат на располагање на пациентите и ќе им направат едукација за примена на апаратите.

МИА

12.08.2014 - 14:06
Фото: 
МИА
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега