Јолевски: Плански ќе го зголемиме буџетот на АРМ

 

Министерот за одбрана Зоран Јолевски и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија генерал-потполковник Горанчо Котески денеска извршија обиколка на одделот за дијагностика, за вулканизирање и на главниот ремонтен хангар во  Техничко-ремонтниот центар на Армијата на Република Македонија во Скопје.

Информирајќи дека Техничко-ремонтниот центар е наменет за логистичка поддршка на единиците на АРМ, началникот на ГШ на АРМ Котески нагласи дека неговата основна мисија е одржување на борбените и неборбените возила во армијата, како и одржување на вооружувањето во АРМ.

Според него, исклучителната важност на центарот, како единствен во АРМ, налага да се вложат напори тој практично да биде поддржан во однос на обезбедување резервни делови, но и обучен персонал што треба да ги извршува основните мисии на центарот.

- Придонесот на овој центар од самото формирање на АРМ е од исклучителна важност и ќе настојуваме не само на развојот на кадарот, обезбедување на деловите за центарот, туку  и да го следиме техничко-технолошкиот развој со новата модерна техника во армиите на НАТО, па и во нашата армија, рече генерал-потполковник Котески.

При моето преземање на функцијата, потсети министерот Јолевски, нагласив дека многу е важно за ефикасноста на АРМ да имаме современо модерно оружје и опрема, но исто така е значајно, подвлече, и постојната опрема да се одржува навремено и ефикасно.

- Сите НАТО армии имаат вакви центри. Ќе продолжиме да инвестираме како во луѓето што работат тука, така и во обезбедување соодветна опрема. Многу е значајно и постојната опрема што ја има АРМ да биде постојано во функција и ефикасно да може да се поправа, изјави Јолевски.

На новинарско прашање дали ќе се зголеми буџетот за одбраната, министерот Јолевски најави дека се подготвува предлог-буџетот, во кој се планира да има сериозно зголемување на средствата, како за модернизација, така и за подобрување на стандардот на припадниците на АРМ. Целта е, истакна,  припадниците на АРМ да бидат целосно подготвени да го заштитат територијалниот интегритет и суверенитет на земјава, но и да бидеме подготвени со НАТО партнерите и другите земји партнери да учествуваме во одредени мировни мисии во светот.

- Зголемувањето го правиме плански. Нема да бараме зголемување на буџетот само за идната година, туку најмалку за три години однапред, така што и набавките ќе бидат испланирани за следните 3 до 5 години за АРМ, појасни министерот за одбрана.

Во врска со донациите за армијата, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Котески нагласи дека АРМ континуирано добива донации од пријателските земји. Последната донација, информира, треба да се добие од Турција, и тоа комуникациска опрема и униформи - комплети кои следуваат за еден припадник на АРМ односно 10 илјади пара чизми и пет илјади комплети униформа.

12.08.2014 - 12:06
Фото: 
сител
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега