Се раздвижува ли пазарот на недвижности?!
После падот на цената на станбениот простор во последните два квартали, забележан е раст на цената на квадратниот метар станбен простор за 2,2%. Со ова почна да забавува падот на цената на становите, но според аналитичарите на НБРМ, не може да се предвиди дали овој раст ќе продолжи и понатаму, пишува Лидер.
„Ваквите движења на цените на недвижностите не соодветствуваат со движењата на нивните двигатели. Имено, од аспект на факторите на страната на понудата, изградбата на станбените згради во првиот квартал од годината бележи значителен квартален пораст што би имало надолно влијание врз цената на недвижности. Исто влијание би имале и трошоците за изградба, коишто во претходните неколку квартали бележат пад. Од факторите на страната на побарувачката за недвижности, и во вториот квартал е остварен раст на станбените кредити, но сепак забавен“, се вели во извештајот на Народната Банка.
Лилјана Ковачева, претседателка на Здружението на агенции за недвижности, неодамна изјави дека во моментот цените се стабилизираат и во иднина не се очекува понатамошно намалување, ниту пак зголемување.
„Сега може да се каже дека Скопје има евтини станови но никако не може да се каже дека се најевтини во регионот затоа што во Бугарија на пример може да купите неверојатно евтини недвижности. Иста е ситуацијата и во Грција каде буквално на море може да купите стан по цена од 1.000 евра за метар квадратен“, вели Ковачева.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа