СЗО прогласи меѓународна вонредна состојба поради епидемијата на ебола

 

Светската здравствена организација (СЗО) денеска прогласи меѓународна вонредна ситуација поради загрозеност на јавното здравје од епидемијата на ебола во западна Африка и ја повика меѓународната заедница да вложи вонредни напори за да се запре ширењето на опасната болест.

Епидемијата на ебола, која е најобемна и најдолготрајна до сега, е доволно загрижувачка да се прогласи меѓународна вонредна ситуација, а СЗО прогласи слична криза во мај поради детска парализа, како и во 2009. за пандемијата на свински грип, пренесува АП.

Директорката на СЗО, Маргарет Чен соопшти денеска дека одлуката на организацијата е јасен повик на меѓународна солидарност, но призна дека многу земји веројатно нема ни да имаат заболени од ебола.

- Земјите кои се до сега погодени едноставно немаат капацитет самите да се борат со вака обемна и комплексна епидемија, истакна таа на прес - конференцијата во Женева и ја повика меѓународната заедница да пружи помош што е можно побрзо.

Според најновите податоци на СЗО, во западна Африка од почетокот на годинава од ебола умреле 932 луѓе, а потврдено е дека 1.711 личности се инфицирани од болеста, главно во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне.

Од саботата до понеделникот потврдени се 45 нови смртни случаи, а хуманитарните организации рекоа дека тешката болест излегла од контрола.

Еболата е откриена во 1976 година и го добила името по реката што се наоѓа во денешна Демократска Република Конго. Се пренесува преку контакт со крв, плунка или пот од заразена личност.

 

08.08.2014 - 10:36
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега