Г. Агатангел: Време е да покажеме дека не сме создадени од пластелин

Поврадарскиот Митрополит, г.Агатангел, кој пред два дена се приклучи на иницијативата покрената од група интектуалци со која се бара прекин на преговорите за името, во интервјуто за Прес24.мк, ги објаснува своите причини и вели дека тоа го прави со искрени намери, отфрлајќи каква било поврзаност со политика.

-Македонскиот народ, после 20 години на тешки и макотрпни преговори е доведен во опасност да го загуби своето основно човечко достоинство, што можеби е и скриената цел на овие преговори. Знаете, човек со срушено достоинство и со погазен морал, многу полесно се манипулира и моделира, слично како и пластелинот, кој лесно го губи своето цврсто својство, после постојани, настојчиви и организирани насилни потези, вели г. Агатангел во Интервјуто за Прес24.мк.

Повардарскиот митрополит на МПЦ-ОА, Г. Агатангел вели дека зборува во свое име, но не смета дека ваквите негови ставови и позиции значат навлегување во политички води.

-Секој од нас понекогаш има потреба јавно да проговори за некое прашање кое го засега него лично или неговата поблиска или подалечна околина. Тоа е за мене невулгаризираната форма на „бавењето“ со политика. Искажувањето јавен став за било кое клучно национално прашање е основна граѓанска потреба и основно демократско право. Проблемот е што кај нас после јавно искажаниот став веднаш некој се обидува да те стави во машината на политикантството. Ова особено важи за нас припадниците на Црквата. Нам, најголемите „демократи“ во нашето општество, буквално ни забрануваат јавно да зборуваме дури и за стратешките национални прашања, вели за Прес24.мк, Владиката г. Агатангел.

Во саботното интервју за Прес24.мк, вели дека оценката “Политичкото слепило и лицемерие”, со која ги дефинира некои од европските дипломати, вклучувајќи го и Евроамбасадорот во Македонија, Аиво Орав е својствено единствено за амбасадорите во „Вашата земја“.

-Не беше одамна времето кога г. Орав, јавно во Европскиот парламент, во Гебелсовски стил, вербално нé елиминираше како македонски народ. Тој, секогаш кога ќе нé нарече „Вашата земја“, свесно или несвесно, работи на „проектот“ на гетоизација и создавање на концентрациони логори за Македонците. На подрачјето меѓу Гевгелија и Солун ова е добро спроведено од страна на неговата омилена земја. Таму Македонците ем постојат ем не постојат... Но, историјата е на страната на правдата..., вели за Прес24.мк, Г.Агатангел, потенцирајќи дека ЕУ не е единствена држава, туку е унија на независни држави, од кои некои нé имаат признато како Република Македонија, а сите останати, со исклучок на Грција, во меѓусебната комуникација го користат нашето уставно име.

-Се поставува логичкото прашање ако е ваква фактичката состојба, тогаш чиј амбасадор е г. Аиво Орав?! Дали е амбасадор на Бугарија, Словенија, Хрватска, Унгарија - кои нé признале под уставно име? Дали можеби е амбасадор на Велика Британија, Италија, Германија, Шведска - кои речиси никаде не ја користат референцата, а во меѓусебните комуникации го користат уставното име на државата и нé ословуваат како македонски народ? Или, пак, е амбасадор на Грција, која единствено избегнува јавно да нé ословува со било кое име, а по потреба ја користи референцата?, вели г.Агатангел за Прес24.мк

Повардарскиот митрполит, во саботното интервју за Прес24 одговара и моралот меѓу младите, но и за истражувањето кое покажува пад на двоебата на верниците меѓу свештениците.

 

ПРЕС24: Ваше Високо преосвештенство јавно ја поддржавте иницијативата за прекин на преговорите со Грција за решавање на прашањето за името. Зошто сметате дека треба да се прекинат преговрите кои сепак се преземена обврска од 1995 и се дел од еден процес кој трае со години?

Г. АГАТАНГЕЛ: Сосема сум сигурен дека овој проглас, оваа иницијатива на македонските интелектуалци, е гласот на правдата и вистината. Македонскиот народ честопати страдал низ историјата заради немањето на единство околу клучните и стратешки национални прашања. Искрено се надевам дека оваа иницијатива ќе биде почеток на градење на македонското единство, толку потребно во овие тешки моменти за државата. Македонскиот народ, после 20 години на тешки и макотрпни преговори е доведен во опасност да го загуби своето основно човечко достоинство, што можеби е и скриената цел на овие преговори. Знаете, човек со срушено достоинство и со погазен морал, многу полесно се манипулира и моделира, слично како и пластелинот, кој лесно го губи своето цврсто својство, после постојани, настојчиви и организирани насилни потези. Инаку, добро ме служи сеќавањето и знам да разликувам што значи терминот „привремено име за неколку месеци“, наспроти дваесетгодишна голгота, притисок и понижувања од секаков вид единствено и единствено врз мојот македонски народ. Време е да покажеме дека сме создадени од некој друг материјал. Се разбира не повикувам на тврдоглавост, инаетливост и неоснован пркос. Единственото нешто што сакаме да го постигнеме со овој проглас и со овој манифест е да имаме еднаков третман, како и сите други народи во овој цивилизиран свет. Со одредбите од Хашката пресуда точно е утврдено кој ги пазел обврските, а кој не. Поважното прашање во овој процес е дали сакаме да бидеме сериозни или сакаме да бидеме наивни.

 

ПРЕС24: Многумина оценуваат дека со оваа Ваша јавно декларирана поддршка на оваа иницијатива влегувате во политички води?

Г. АГАТАНГЕЛ: Политиката не е работа само за „обучени специјалци“. Секој од нас понекогаш има потреба јавно да проговори за некое прашање кое го засега него лично или неговата поблиска или подалечна околина. Тоа е за мене невулгаризираната форма на „бавењето“ со политика. Искажувањето јавен став за било кое клучно национално прашање е основна граѓанска потреба и основно демократско право. Проблемот е што кај нас после јавно искажаниот став веднаш некој се обидува да те стави во машината на политикантството. Ова особено важи за нас припадниците на Црквата. Нам, најголемите „демократи“ во нашето општество, буквално ни забрануваат јавно да зборуваме дури и за стратешките национални прашања. Така ќе се нарушела секуларноста на државата, ќе сме станувале теократско општество. Самите вие новинари сте биле сведоци на овој уникатен и ендемски апсурд.

 

ПРЕС24: Велите да се прекинат преговрите со Грција, но од друга страна на сите им е сосема јасно дека во таков случај, Македонија ќе ги изгуби сите надежи и за членство во Европската Унија и за членство во НАТО. Како Вие ја гледате Македонија надвор од овие глобални организации?

 

Г. АГАТАНГЕЛ: Не знам зошто веднаш мора така фаталистички да се сфаќаат работите. Македонија има многу пријатели и во ЕУ и во останатиот дел од светот. Страшна ми е помислата ако некој во ова општество мисли дека Грција и нејзините корумпирани подржувачи ни се единствената алтернатива. Јас поинаку гледам на работите. Единствената алтернатива за мене е Македонија и македонскиот народ да растат во добрината, чесноста, работливоста, мирољубивоста, хуманоста. На усвојување и живеење на овие доблести ќе треба здружно и макотрпно да работиме. Самоукинувањето како македонски народ за сметка на некаков привиден мир или лажна благосостојба за мене е наивна. За мене „смртта“ не е алтернатива, јас го претпочитам животот и неговите убавини.

 

ПРЕС24: Многумина аналитичари велат дека, Македонија треба д анаправи компромис околу името и на тој начин да влезе во ЕУ и во НАТО. И оттаму како полноправна членка многу полесно ќе го зачува својот индентитет. Кој е Вашиот коментар на овие ставови?

Г. АГАТАНГЕЛ: Не ми е позната структурата на ваквиот механизам. Но, сосема сум сигурен дека прашањето за името и проблемот кој преку нашиот јужен сосед го имаат и некои останати белосветски гавази воопшто не е наивен и едноставен.

 

ПРЕС24: Дали ова е Ваш личен став, или пак за ова сте разговарале и на Синодот. МПЦ честопати повикува на зачувување на името и на идентитетот, но дали може да се очекува и други Владици,  или пак целиот Синод да застане зад оваа иницијатива на група интелектуалци за прекин на разговорите со Грција околу прашањето за името?

Г. АГАТАНГЕЛ: Поддршката на оваа иницијатива е мој личен став. Не е во ред да зборувам во име на друг, но сигурен сум дека секој чесен македонски православен христијанин го дели истото мислење со иницијаторите на овој проглас и ги усвојува одредбите од овој Манифест. МПЦ му била мајка и сигурно прибежиште на овој народ низ вековите и нема ниту една причина да не биде така и во иднина.

 

ПРЕС24: Ваше Високо преосвештенство, голем интерес предизвика Вашата изјава околу евроамбасадорот Аиво Орав. Не мислите ли дека премногу остра е споредбата со Гебелс? 

Г. АГАТАНГЕЛ: Па, препоставувам дека знаете кој бил Јозеф Гебелс. Тој е инспиратор, поттикнувач и директен учесник во физичкото и духовното елиминирање на цел еден народ. Споредете ги говорите, ставовите и прогласите на двајцата и лесно ќе заклучите дека дотичниот господин го прави истото што и неговиот „основен модел“. Не беше одамна времето кога г. Орав, јавно во Европскиот парламент, во Гебелсовски стил, вербално нé елиминираше како македонски народ. Тој, секогаш кога ќе нé нарече „Вашата земја“, свесно или несвесно, работи на „проектот“ на гетоизација и создавање на концентрациони логори за Македонците. На подрачјето меѓу Гевгелија и Солун ова е добро спроведено од страна на неговата омилена земја. Таму Македонците ем постојат ем не постојат... Но, историјата е на страната на правдата... Гебелс изгорел во своите налудничави повици за тотална војна, не штедејќи ги ниту своите сопствени деца. г. Аиво Орав има шанса поинаку да биде запаметен во историјата. 

 

ПРЕС24: Орав веројатно се држи до дипломатските протоколи и затоа го користи терминот “Вашата земја”, во спротивно би требало да ја користи формулацијатапод која Европската Унија ја признава Македонија, а тоа веројатно би било делеку понавредувачки за државата во која тој е Амбасадор?

Г. АГАТАНГЕЛ: Дозволете, воопшто да не се согласам со вашиот став. А, еве и зошто. ЕУ не е единствена држава, туку е унија на независни држави, од кои некои нé имаат признато како Република Македонија, а сите останати, со исклучок на Грција, во меѓусебната комуникација го користат нашето уставно име. Се поставува логичкото прашање ако е ваква фактичката состојба, тогаш чиј амбасадор е г. Аиво Орав?! Дали е амбасадор на Бугарија, Словенија, Хрватска, Унгарија - кои нé признале под уставно име? Дали можеби е амбасадор на Велика Британија, Италија, Германија, Шведска - кои речиси никаде не ја користат референцата, а во меѓусебните комуникации го користат уставното име на државата и нé ословуваат како македонски народ? Или, пак, е амбасадор на Грција, која единствено избегнува јавно да нé ословува со било кое име, а по потреба ја користи референцата? При тоа мора да се има предвид дека сите амбасадори на гореспоменативе земји во Р. Македонија, освен на Грција, нé ословуваат со нашето уставно име и нé нарекуваат македонски народ. Токму заради ваквите факти г. Орав заслужува, дури и од нашите медиуми, да биде препознаен како Грчки амбасадор, а по потреба се разбира и грчки адвокат. Доколку не е идеолошка причината за ваквото негово скандалозно и срамно однесување, која е помалку веројатна, тогаш мора да биде материјална. Јас веќе реков дека Европа е лулка на културата, науката, слободата, демократијата, но, таа во исто време е и дом на корумпирани бирократи, политички лицемери, уникатен неморал, концентрациони логори. Од оваа првата Европа треба да учиме и да се стремиме нејзините вредности да ги усвоиме и достигнеме, тоа е впрочем и нашата единствена алтернатива. За оваа втората Европа ќе продолжиме да бидеме „Вашата земја“, дрво без корен, граѓани од втор ред итн. Наша среќа е што оваа Европа е краткотрајна, тоа сé повеќе го увидуваат и самите европејци, кои постојано во секоја прилика нé дочекуваат со топла прегратка и пријатен пријателски збор.

ПРЕС24: Велите политичкото слепило и лицемерие е препознатливо во изјавите на европските дипломати. Зошто имате таква перцепција?

Г. АГАТАНГЕЛ: Мислам дека секоја генерализација на нештата е опасна самата по себе. Затоа јас се трудам да ја избегнувам. Јас во ниту една прилика не сум ги ставал во исти кош сите европски дипломати. Напротив, од секогаш сум правел и ќе правам персонална разлика по ова прашање. Политичкото слепило и лицемерие е својствено единствено за амбасадорите во „Вашата земја“.

 

ПРЕС24: Ваше Високо преосвештенство, Вие сте познат по изјави и во минатото со кои сте застанувале во одбрана на државниот и надионален идентитет, честопати тие изјави биле и многу остри. Многумина ве споредуваат со солунскиот митрополит, Антимус, бидејќи тој исто така честопати има политички изјави во поглед на прашањето за името?

Г. АГАТАНГЕЛ: Моите ставови за националниот идентитет на македонскиот народ не се косат со основните Христови и Евангелски начела. Додека, пак, ставовите на г. Антимос немаат врска со христијанското учење, а понекогаш се срам дури и за паганите. Христијанската љубов нема никаква врска со оспорувањето, понижувањето и уништувањето на цел еден народ. Навистина не разбирам што бараат таквите луѓе во крилото на Црквата, кога го имаат целиот свет пред себе за да си ги остварат своите болни страсти. Црквата треба да биде највозвишеното и најсветото местото, а изгледа тие се „мерзоста на запустението“ пророкувано во Светото Писмо. Благиот Бог нека нé штити од зло и искушенија во последните времиња.

 

 

ПРЕС24: Дедо Агатангел, речиси едногласни се оценките на сите социолози за ерозија на моралот во Македонија. МПЦ честопати апелира, но што и како Црквата може да помогне во тоа?

Г. АГАТАНГЕЛ: Црквата може многу да помогне на овој план. Таа во својата ризница чува огромно духовно богатство, кое несебично го нуди на македонското општество. Нема ништо подобро, повозвишено и поубаво од личноста Христова. „Вие кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте“ - вели апостол Павле. Да се облечеш во Христа, значи да го прифатиш неговиот морален и вредносен систем, кој во временско растојание од 2000 години, дал и дава, прекрасни духовни плодови. За таа цел, ние во Повардарската епархија, како и во целата Македонска православна црква, ја развиваме издавачката дејност, се трудиме да ја осовремениме и актуелизираме проповедта, правиме сé што е во нашите можности да ја градиме Црквата Христова, која не само од камен и цигли е направена, туку се трудиме нејзините начела да ги врежеме во човековите души и срца.

 

 

ПРЕС24: Дали ако изминативе 20 години во образовниот систем имавме Веронаука, денеска ќе имавме пoинаква слика за моралните вредности кај младите?

Г. АГАТАНГЕЛ: Апсолутно. Без усвојување на правилен морален систем, нема ни правилно образование и воспитание. Во човековиот духовен живот нема статус кво. Тој или напредува, или назадува. Веронауката, во голема мера ќе придонесеше не само за развој на моралот, туку и за поинаков, повозвишен поглед на свет кај младиот човек. Сигурен сум дека доколку на веронауката сериозно им пристапеше образовниот систем на државата, денеска ќе имавме поинаква морална слика во државата. Страдаме во овој свет, бидејќи во своето самољубие меѓусебно се повредуваме. Веронауката ќе ни помогне да ја победиме себичноста и гордоста, од кои де факто, морално е заболено нашето општество.

 

ПРЕС24: Црквата честопати повикува и на многудетност во македонските смејства, но критичарите на таквите ставои велат, што прави црквата за тие семејства, освен што ги бодри да имаат повеќе деца.? Сте разлислувале ли во МПЦ на пример за финансиска помош или пак покривање на трошоците за школување или пак бесплатни крштевки за секое трето дете, или за некои слични проекти, во кои верниците ќе препознаат сериозност во ставовите и апелите за многутетни семејства? 

Г. АГАТАНГЕЛ: Црквата никогаш не престанала со својата харитативна дејност, што подразбира финансирање, стипендирање и помагање од било кој вид на најсиромашните наши браќа и сестри. За овој вид на дејност ниту ние имаме намера да се фалиме и рекламираме, а ниту пак вие новинарите сте особено заинтересирани да ја промовирате. Само во Повардарската епархија, каде јас сум надлежен Епархиски архиереј, буквално секојдневно се извршуваат бесплатни крштевки, венчавки, погреби и друг вид на треби во сите градови и села од Повардарскиот регион. Вака било одсекогаш, така ќе биде и во иднина. Само јас како Владика, во последните 10 години имам извршено можеби 10. 000 бесплатни крштевки на реката Матка. Во поголемите градови од Повардарската епархија, 6 години по ред, се организираат бесплатни групни крштевки и венчавки. Исто така никогаш нема престанато стипендирањето и на наши богослови, но и на други наши браќа и сестри на кои им се помага школувањето и во земјава и во странство. Под наша надлежност и организација се и црковно-народните кујни во Скопје и во Велес, каде секојдневно се обезбедува храна, облека и прибежиште за најсиромашните. Можеби малку правиме, не знам, но факт е и тоа дека и нашите можности како Црква се ограничени. Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на сите оние браќа и сестри кои со својата несебична помош ја помагаат целокупната добротворна дејност на Повардарската епархија на МПЦ.

 

ПРЕС24: Претпоставувам дека ја слушнавте последната анкета за исптување на јавното мислење. Во неа Поглаварите, но и свештениците не стојат најдобро со довербата кај верниците. Како го коментирате тоа?

Г. АГАТАНГЕЛ: Па, добро... со оглед на тоа каква кампања во последните 70 години се води против верските лидери во Р. Македонија, особено против православното свештенство, добро е што резултатите од анкетата не се и полоши. Од друга страна, пак, потребно е да бидеме и самокритични, бидејќи тоа е постулат на духовниот подвиг. Црковниот клир е сочинет од несовршени луѓе, кои понекогаш знаат да грешат. Секогаш постои можноста да се биде подобар и посовршен, впрочем кон тоа се стреми секој од нас кој има намера да живее духовен живот. Само ѓаволот за себе мисли дека е најубав и доволен. 

најчитано сега