Антонио Милошоски: Кога и да блокира СДСМ, Самарас се радува
Екс министерот за надвоешни работи, а сега пратеник, Антонио Милошоски во моментов кај Атнина препознава спремност само за рутинско продолжување на преговорите, но не и за суштински исчекор за надминување на грчко-македонскиот спор. Во интервју за Прес24, вели дека таквата сосотојба ќе потрае, особено што Грција и овој пат ќе ја искористи сосптвената внатрешна криза како алиби дека сега не е време за решавање на ова прашање.
-Ако во нешто е мајстор, тогаш Грција е мајстор во создавање на изговори и теории на заговор. Овој пат очекувам како одлични изговори за одолговлекување на решението и на грчко-македонскиот спор и на кипарскиот проблем да бидат искористени грчката актуелна финансиска криза и политичката криза во најава. Имено, во Август и Септември грчкиот парламент треба да усвои дополнителен пакет на економски давачки кои ќе ги оптоварат граѓаните, треба да се отпуштат од работа околу 7.000 државни чиновници и треба да се намалат буџетските расходи, доколку Грција сака во Октомври оваа година да добие уште една милијарда евра заем од Европската централна банка, што и е повеќе од потребна за социјалниот мир, вели Милошоски за Прес24.
-Грција е незгоден парнер за преговори, земја која лукаво ја користи својата предност со членството во ЕУ и НАТО и една од ретките земји во рамките на ЕУ која е позната во надворешната политика по тоа што често влече потези кои се некоординирани со останатите партнери во Евро-атланскиот клуб. Грција лесно создава билатерални проблеми, а тешко ги решава, подочува екс министерот за надворешни, објаснувајќи ја надворешната политика на Грција.
Милошоски очекува нов предлог на Нимиц, кон крајот на годината, но само во функиција на политичките состојби кои се случуваат, без каков било напредок. За засилената улога на Германија вели дека е добра, но изјавата на Меркел сама по себе не значи и решение.
-Берлин нема магично стапче со кое што овој 20 годишен спор би го решил за 20 дена, но на краток или среден рок има ресурси кои можат да бидат од голема помош за надминување на ова статус кво со Грција, вели Милошоски во интервјуто за Прес24.
Милошоски коментирајќи ја изјавата на медијаторот за идентитетот, вели дека тоа е изјава на политичар со големо дипломатско искуство.
-Реалноста е следнава, македонската страна ниту преговара, ниту има намера да преговара за идентитетските обележја на македонскиот народ, јазик и култура. Но, грчката страна отсекогаш имала скриена цел спорот со уставното име да го искористи за модификација на македонскиот национален идентитет, идентитет кој и пречи на Атина заради нивната табу-тема поврзана со непризнавањето на македонското етничко малцинство во Грција. После дрската националистичка изјава на Самарас во Европскиот Парламент дека македонскиот јазик не постои, ваквата намера на Грција е и сосема разголена. На Нимиц овие околности му се јасни како бел ден, но сепак како дипломат, тој се обидува да бара некоја средна линија на движење во неговото посредување. Тоа на моменти, преку притисоците на Грција, резултираше и со негови формални или неформални предлози кои предвидуваа модификации на македонскиот идентитетски код, но истите без двоумење беа отфрлени од македонска страна, вели за Прес24, Милошски.
Во интервјуто одговара и на обвинувањата на оппозицијата дека акуелната власт е таа која ги внела идентитетските прашања во преговите со Грција.
-Некои опозиционери веројатно имаат кратко помнење, бидејќи човекот кој го измисли грчко-македонскиот спор, човекот кој во целата своја политичка кариера го оспорува македонскиот јазик и идентитет се вика Андонис Самарас и тоа го прави од 1992 година, кога ниту Груевски, ниту Милошоски, ниту Шеќеринска не биле дел од владата на Република Македонија. Затоа, тврдењата на некои опозиционери дека Грција ги наметнала преговорите за идентитетот од 2006та наваму имаат само за цел овој непринципиелен грчки став да го претстават како последица на, според СДСМ, погрешните политики на владата на Груевски кон Грција во овој период. Со ваквите тези СДСМ не постигнува ништо, освен што им помага на грчките дипломати во нивната работна задача да ја обвинуваат македонската влада за нерешавањето на спорот за името, вели Милошовски за Прес24.
ПРЕС24: Последната посета на медијаторот Метју Нимиц на регионот не донесе ништо нови. Иако дојде со оптимизам, замина како и вообичаено. Вие велите секогаш кога Нимиц доаѓа носи оптимизам, а кога заминува во Македонија останува едно разочарување. Зошто е тоа така?
МИЛОШОСКИ: Кога станува збор за односот на Грчката влада кон Македонија, тогаш оптимизмот најчесто е медиумски зачин за неискусните, оние кои нивната искрена надеж за изнаоѓање на решение на грчко-македонскиот спор ја пресликуваат во ликот и делото на посредникот Метју Нимиц. Да не се разберереме погрешно, амбасадорот Нимиц е добар и вешт дипломат, но сепак неговите ресурси за влијание врз овој дводецениски билатерален спор се многу ограничени. Но, тие што подобро ја познаваат грчката политика, најчесто не се толку големи оптимисти во однос на решавањето на билатералните спорови кои се создадени во Атина, без разлика дали станува збор за Кипарското прашање, или за грчко-турската поморска граница, или за грчко-албанските отворени прашања, или за проблемот на Грција со нашето уставно име. Грција е незгоден парнер за преговори, земја која лукаво ја користи својата предност со членството во ЕУ и НАТО и една од ретките земји во рамките на ЕУ која е позната во надворешната политика по тоа што често влече потези кои се некоординирани со останатите партнери во Евро-атланскиот клуб. Грција лесно создава билатерални проблеми, а тешко ги решава. Затоа од последната посета на Нимиц разочарани можат да бидат само оние кои наивно верувале дека кај владата во Атина постои добра воља за решавање на спорот кој и го наметнаа на Македонија пред 23 години. Во моментов јас во Атина препознавам спремност само за рутинско продолжување на преговорите, но не и за суштински исчекор за надминување на грчко-македонскиот спор.
ПРЕС24: Проценувате дека веројатно кон крајот на годината, пред Самитот на ЕУ и НАТО, можно е Нимиц да понуди нов предлог. Во кој правец би се движело тоа, која би била целта и можно ли е некое посериозно раздвижување?
МИЛОШОСКИ: Амбасадорот Нимиц, како специјален претставник на Обединетите Нации, според описот на работните задачи е должен да посредува меѓу владата во Грција и владата во Македонија и да нуди можни решенија. Ценам дека неговата последна турнеја има за цел да го опипа пулсот во двете земји, да процени која е ширината на маневарскиот простор помеѓу црвените линии на двете држави и врз основа на тоа да го направи следниот обид за срочување на некој комбиниран старо-нов предлог пред крајот на годинава. За таквиот иден предлог на Нимиц да добие должно внимание потребен и добар моментум за негово пласирање и очекувам тоа да биде отприлика месец дена пред овогодинешниот самит на ЕУ, кој треба да се одржи во Декември. Целта на таквиот предлог ќе биде и двете страни да се стават под дополнителен меѓународен притисок за да се изјаснат по истиот, двете земји да се мотивираат да покажат максимално можна конструктивност, но истовремено да се предизвика интересот и на повлијателните земји членки на ЕУ да го дадат својот придонес во напорите за поместување од мртвата точка. Дали ќе се успее да се постигне сето ова, ќе видиме во Декември.
ПРЕС24: Ако една од сериозните причини за овој “дијалог во празно” со Грција е нејзината внатрешна состојба, економската криза, колку реално е за очекување дека може да се дојде до какво било решение, ако ова прашање во Атина воопшто не е на агендата, особено што таму сега следува избор на Претседател, за кој е потребно монизнство кое го нема актуелната влада?
МИЛОШОСКИ: Ако во нешто е мајстор, тогаш Грција е мајстор во создавање на изговори и теории на заговор. Овој пат очекувам како одлични изговори за одолговлекување на решението и на грчко-македонскиот спор и на кипарскиот проблем да бидат искористени грчката актуелна финансиска криза и политичката криза во најава. Имено, во Август и Септември грчкиот парламент треба да усвои дополнителен пакет на економски давачки кои ќе ги оптоварат граѓаните, треба да се отпуштат од работа околу 7.000 државни чиновници и треба да се намалат буџетските расходи, доколку Грција сака во Октомври оваа година да добие уште една милијарда евра заем од Европската централна банка, што и е повеќе од потребна за социјалниот мир. Политичката криза во најава е изборот на следниот претседател на Грција. Имено, владата на Самарас, чие мнозинство е 153 пратеници, е до крајот на оваа година треба да обезбеди две третини, односно 180 гласови во грчкиот парламент за избор на следниот претседател на грчката држава. Доколку не се избере Претседателот на државата, тогаш ќе се случат предвремени парламентарни избори во Грција во Февруари 2015 година. Овие две ситуации со сигурност ќе бидат искористени од грчката дипломатија во нивната комуникација со европските партнери во ширењето на познатата теза дека “сега не е време“ за решавање на чувствителните грчки национални прашања. За жал, изнаоѓањето на убедливи изговори досега и поаѓало од рака на официјална Атина и затоа не би бил изненаден ако истото им успее и оваа година.
ПРЕС24: Нимиц во Атнина за прв пат одговори на тоа зошто во Скопје раазговара со целиот државен врв, а во Атина највисокото ниво на разговри е министерот за надворешни работи. Како Вие го коментирате овој однос на грчката држава кон овој спор?
МИЛОШОСКИ: Разликата е едноставна - Македонија сака овој апсурден спор да се реши што поскоро, додека Грција посакува спорот да трае што подогло. Токму зато тоа се отсликува и во политичкото внимание кое на спорот му се укажува од страна на целиот државен врв во Македонија, додека во Атина, од време на време, Министерот за надворешни работи е највисокиот соговорник на посредникот Нимиц.
ПРЕС24: Изјавата на Нимиц во Скопје дека не се разговара за идентитетот, Вие ја протолкувавте како негов дипломатски потег на прилагодување на ситуацијата. Но, сепак суштината е веројатно подлабока. Реакцијата на голем дел аналитичари беше дека оваа изјава има многу манипулативен карактер, особено што во многу од предлозите на Медијаторот имаше идеи за употребата на придавката “македонски”, а таа диртектно е врзана со идентитетот на македонскиот народ.
МИЛОШОСКИ: Реалноста е следнава, македонската страна ниту преговара, ниту има намера да преговара за идентитетските обележја на македонскиот народ, јазик и култура. Но, грчката страна отсекогаш имала скриена цел спорот со уставното име да го искористи за модификација на македонскиот национален идентитет, идентитет кој и пречи на Атина заради нивната табу-тема поврзана со непризнавањето на македонското етничко малцинство во Грција. После дрската националистичка изјава на Самарас во Европскиот Парламент дека македонскиот јазик не постои, ваквата намера на Грција е и сосема разголена. На Нимиц овие околности му се јасни како бел ден, но сепак како дипломат, тој се обидува да бара некоја средна линија на движење во неговото посредување. Тоа на моменти, преку притисоците на Грција, резултираше и со негови формални или неформални предлози кои предвидуваа модификации на македонскиот идентитетски код, но истите без двоумење беа отфрлени од македонска страна.
ПРЕС24: Реално за идентитетот не се преговара, затоа што тоа и не е предмет на преговри, но исто така реално е дека тоа прашање го наметнува грчката страна, токму преку употребата на придавката “македонски”. Од друга страна во едно решение за спорот, ова прашање мора да биде јасно дефинирано, за да не се остава каков било простор за различно толкување, бидејќи тоа прашање и во Македонија е предмет на дебата. Опозицијата тврди дека за идентитетските прашање почнало да се зборува по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2006. Тоа е предиодот кога Вие бевте министер за надворешни?
МИЛОШОСКИ: Некои опозиционери веројатно имаат кратко помнење, бидејќи човекот кој го измисли грчко-македонскиот спор, човекот кој во целата своја политичка кариера го оспорува македонскиот јазик и идентитет се вика Андонис Самарас и тоа го прави од 1992 година, кога ниту Груевски, ниту Милошоски, ниту Шеќеринска не биле дел од владата на Република Македонија. Затоа, тврдењата на некои опозиционери дека Грција ги наметнала преговорите за идентитетот од 2006та наваму имаат само за цел овој непринципиелен грчки став да го претстават како последица на, според СДСМ, погрешните политики на владата на Груевски кон Грција во овој период. Со ваквите тези СДСМ не постигнува ништо, освен што им помага на грчките дипломати во нивната работна задача да ја обвинуваат македонската влада за нерешавањето на спорот за името.
А што се однесува до идентитетските обележја на Република Македонија, нашата позиција е јасна, истите мора да останат онакви какви што се заведени во личната карта на Обединетите Нации - Државјанство/националност: македонски; јазик: македонски! Дали тоа ќе биде дел од конечната спогодба со Грција, дали тоа ќе биде потврдено со резолуција на Советот за безбедност на ОН или пак ќе биде осигурано со друг вид на документ, е прашање на политичка воља и дипломатски вештини. Во секој случај, доколку идентитетскиот дел не се потврди и осигура онаков каков што е, постои ризик Грција во некое идно време, на пример за време на преговорите со ЕУ, повторно да почне со блокади, уцени и притисоци за да ја издејствува својата скриена намера.
ПРЕС24: Милошоски, кој е всушност проблемот на Грција? Во што лежи суштината на спорот за името?
МИЛОШОСКИ: Грција има проблем со прифаќањето на реалноста. Прво, дека Студената војна одамна заврши. Второ, дека Југославија веќе не постои. Трето, дека Република Македонија е независна и меѓународно призната држава. Четврто, дека не посто етнички чиста држава на Балканот, дека секој има малцинства и дека во Грција постојат Турско, Македонско, Албанско и Ромско малцинство. Пето, дека за имињата на државите си одлучуваат нивните граѓани, а не странските влади. И шесто, дека светската заедница на држави има еден и единсвен меѓународен Суд чие име е Судот на правдата во Хаг и дека неговите пресуди се задолжителни за сите земји членки на Обединетите Нации. Ете, тоа е отприлика проблемот со Грција, плус нивната геополитичка проекција за Балканот во која членството на Македонија во Европската Унија не треба да се случи пред зачленувањето на Србија во ЕУ. Не е рационална политика, но затоа е дел од грчката политика.
ПРЕС24: Во целата оваа ситуација, особено интересен е моментот на активирање на Германија, лично преку Ангела Меркел. Колку според Вас, онаа иницијатива и за берлинската конференција, но и се околу тоа, може да има каков било резултат улогата на во моментов најмоќната политичарка во Европа, а можеби и во светот?
МИЛОШОСКИ: Тоа што германската Канцеларка Меркел јавно изјави дека е запознаена со грчко-македонскиот спор и можностите за негово решавање е значајна работа. Германија има голема одговорност и за досегашното и за понатамошното обединување на Европа. Но, изјавата е сигнал, не е решение само по себе. Германските политичари во принцип се многу претпазливи и внимателни кога станува збор за спорови на други држави. Затоа Македонија ќе треба во следниов период да ги засили своите политички релации и посети во Берлин, и да биде поприсутна и во германската јавност и во германскиот Бундестаг и пред германските дипломати и да стекнува што повеќе пријатели и симпатии. Берлин нема магично стапче со кое што овој 20 годишен спор би го решил за 20 дена, но на краток или среден рок има ресурси кои можат да бидат од голема помош за надминување на ова статус кво со Грција. Останува да видиме во текот на оваа и во текот на следната година дали Германија, а се разбира и Франција, ќе се решат да превземат еден ваков дипломатско-политички ризик и понепосредно и поактивно да се вклучат во разрешувањето на грчко-македонскиот спор.
ПРЕС24: За да не биде директно дека Гриција ја блокира Македонија поради името, властите во Атина честопати ја користат внатрешната состојба во Македонија. Еве пред самитот на ЕУ и пред октомврискиот извештај, повторно имаме ситуација на бојкот. Колку целата оваа ситуација по изборите, може да се одрзи со “враќање чекор назад”, односно губење на препораката за членство во Унијата?
МИЛОШОСКИ: За жал, Заев и Шеќеринска, со одлуката за бојкот на македонското Собрание само му ја олеснуваат намерата на Самарас и овој Декември повторно да го блокира отпочнувањето на преговорите за членство на Македонија со ЕУ, претставувајќи не пред неговите европски колеги како политички нестабилна и незрела држава. Не сум сигурен дали СДСМ секогаш кога губи ќе го бојкотира македонското Собрание, но сигурен сум дека додека бојкотот на СДСМ е на сила Самарас секогаш ќе биде задоволен што ќе има еден аргумент плус против европските аспирации на Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа