ФОТО: Нови македонски пари наменети за колекционерите

 

Народната банка на Република Македонија денеска ги промовира новите ковани монети за колекционерски цели - „Св.Кирил и Методиј“, „Лав“ и „Девица“.

Како што соопшти гувернерот Димитар Богов, парите се, пред се, наменети за нумизматичарите од европскиот пазар, но ќе се продаваат и на домашниот доколку има интерес.

„Св.Кирил и Методиј“, од сребро и позлата, е изработена во две големини, од половина килограм која чини 49.000 денари и од една унца вредна 3.800 денари ако е во луксузно пакување, односно 3.450 денари доколку е во обично пакување.

„Лав“ и „Девица“ ќе се продаваат по 2.700 денари. Изработени се вкупно 12 монети, секоја во по 50 примероци, и засега може да се купат во Народната банка.

- Монетите се наменети пред се за европскиот пазар, а мала количина се продава и на домашниот кој се уште се тестира бидејќи НБРМ досега не издаваше колекционерски пари, истакна Богов.

Одговорајќи на новинарско прашање, гувернерот оцени дека дискусиите за јавниот долг што деновиве ги слуша, се главно политички.

- Податокот дека јавниот долг изнесува 51 отсто од БДП не е точен и не би го коментирал. Точните бројки треба да ги видите и според нив да коментирате. Она што ние имавме да го кажеме, го кажавме во вчерашното соопштение. Монетарната политика има јасно зацртани цели и ние тие цели ги исполнуваме во континуитет и ќе ги исполнуваме и во наредниот период. Се додека го кажуваме тоа, нема простор за загриженост, рече Богов.

01.08.2014 - 12:50
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа