Македонија утре ги одбележува двата Илиндена - еве кои денови ќе одмориме

Двата историски Илиндена - 111 години од Илинденското востание и 70 години од Првото заседание на АСНОМ утре ќе бидат одбележани со народни собири на Мечкин Камен во Крушево и во Меморијалниот комплекс АСНОМ во кумановското село Пелинце. Денот на Републиката оваа година се одбележува под мотото „Од сон до Сонце“.

Претседателот на Собранието на РМ Трајко Вељаноски ќе се обрати на  централната свеченост во Крушево. Таму ќе биде положено цвеќе на гробот на Никола Карев, на местото Слива и на споменикот на бранителите на Крушевската Република на Мечкин Камен, каде што ќе се одржи голем народен собир. Премиерот Никола Груевски ќе се обрати на собирот во Пелинце, а претседателот на државата Ѓорге Иванов во Скопје, пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, претседател на Президиумот на АСНОМ.

За чествувањето на националниот празник, Владата на РМ оваа година подготви неколкудневна богата и сеопфатна програма со разновидни активности и вклученост на повеќе институции.

Во Крушево за Илинден традиционално стигнаа коњаниците од Илинденски марш, а градот во наредните денови ќе биде домаќин на научно-културната средба „Десет дена Крушевска Република“.

Во битолското село Трново, пак, оваа година првпат ќе биде одржана Семакедонска средба, на која Илинден во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ заедно ќе го одбележат 43. Светска македонска иселеничка средба и 34. Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Организатори на средбата се Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија-Битола, Сојузот на Македонците од Егејот „Македон“ и Светскиот македонски конгрес.

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател... Слободната Република траела десет дена.

Утре е неработен ден. Ова се сите неработни денови до крајот на годината.

За сите граѓани на РМ

· 28 јули (понеделник), Рамазан Бајрам, првиот ден на Рамазан Бајрам
· 02 август (сабота), Ден на Републиката
· 08 септември (понеделник), Ден на независноста
· 11 октомври (сабота), Ден на народното востание
· 23 октомври (четврток), Ден на Македонската Револуционерна Борба
· 08 декември (понеделник), “Св. Климент Охридски”

За граѓаните од православна вероисповед:

· 28 август (четврток), Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица)

За граѓаните од католичка вероисповед:

· 01 ноември (сабота), Празникот на сите светци
· 25 декември (четврток), првиот ден на Божик

За граѓаните од муслиманска вероисповед:

· 4 октомври (сабота), Курбан Бајрам, првиот ден на Курбан Бајрам

За граѓаните припадници на албанската заедница во РМ:

· 22 ноември (сабота), Ден на Албанската азбука

За граѓаните припадници на еврејската заедница во РМ:

· 4 октомври (сабота), Јом Кипур, првиот ден на Јом Кипур

За граѓаните припадници на бошњачката заедница во РМ:

· 28 септември (недела), Меѓународен ден на Бошњаците

За граѓаните припадници на турската заедница во РМ:

· 21 декември (недела), Ден на настава на турски јазик

01.08.2014 - 10:44
Фото: 
региони
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега