Трајановски на средба со режисерот на „Скопје '63“

 

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски денеска се сретна со авторот на документарниот филм „Скопје '63“, режисерот Вељко Булајиќ. Филмот ќе биде проектиран вечерва во 21:00 часот, во Музејот на град Скопје, во рамки на одбележувањето на 51 година од катастрофалниот земјотрес во Скопје, што се случи во 1963 година.

- Ми претставува особена чест што денеска сте овде со нас за да ги споделите вашите искуства од снимањето на сите тие страшни слики од катастрофалниот зејотрес што далечната 1963 година до темел го разори Скопје. Преку вашиот филм во Светот се пренесе видео сведоштвото за еден град којшто веќе го немаше, но вие и вашето филмско дело бевте нашите амбасадори коишто го пренесоа скопскиот крик за помош секаде низ Европа и Светот. Можам само да ја изразам мојата благодарност што ни овозможивте ние денес да живееме во едно ново Скопје, кое од ден на ден ја испишува новата историја и на архитекторнски и на културен план, му порача на Булајиќ, градоначалникот Трајановски.

Режисерот кој денес има осумдесет и шест години, раскажа дека тогашниот градоначалник на Скопје, Благој Попов, преку воен телефонски линк му ги соопштил лошите вести.

- Тогашниот градоначланик на Скопје, Благој Попов ме побара и посака да дојдам во вашиот град барем на 5 дена и да ја снимам катастрофата што го срамни со темел Скопје. Јас дојдов и снимав 5 дена, но тогаш сватив дека тоа ќе го направат и сите други репортери и одлучив со целата моја екипа да останам уште пет месеци и да го направам тој филм. Уште ми се живи сликите на единството на народот и неговата желба да го кренат од пепел овој град. Се надевам дека со мојот филм барем малку му помогнав на Скопје и мислам дека и денеска кога ќе се проектира „Скопје '63“ буди сеќавања за една катастрофа од невидени размери. Кога филмот доби златен лав во Венеција, ми пријде еден бизнисмен од Македонија и за скромни пари ни ги побара правата да го дистрибуира во Америка и ние се сложивме. По прикажувањето во Америка и секаде во Светот стигна уште еден бран помош од земјите каде што беше прикажан филмот. „Скопје '63“ го правевме со многу љубов и ентузијазам, зашто дур го снимавме не движеше силата на народот, но и на странците кои несебично помагаа, тука во Скопје можеше да се види како се дружат руските војници со оние од Америка, помагајќи му воедно на македонскиот народ, тоа се незаборавни моменти во мојот живот, но и дел од мојот професионален опус, рече Булајиќ.

Тој кажа дека во Скопје по земјотресот дошол само еднаш, пред шест седум години.

- Ќерка ми Маша со којашто сум денеска тука, неодамна ми рече, тато па јас го знам Скопје само преку твојот филм, сакам да го видам сега и токму затоа дојдовме заедно и навистина има што да се види, градот се развива и добива сосема нов лик. Вашата земја и тоагаш и сега има врвни уметници, токму затоа се надевам дека моите планови за повторна соработка со македонските сценаристи ќе се остварат наскоро, потенцираше Булајиќ.

Вељко Булајичќ е роден на 23 март 1928 година во  Вилуси, Никшиќ, Црна Гора, но последните 40 години години живее и и работи во Загреб, Република Хрватска.  Во својот долг животен опус као режисер постигнува успех со многу филмски остварувања од тогашната филмска сцена, меѓу кои се:  документарниот филм за катастрофалниот земјотрес во Скопје „Скопје'63“, филмовите Неретва (1969), Козара (1962), Атентат во Сараево (1975) и други.

Утрото на 26 јули 1963 година режисерот Вељко Булајиќ се наоѓал на Филмскиот фестивал во Пула,  кога ја примил веста за земјотресот и ја добил поканата од Благој Попов,  Претседател на Градското собрание на Скопје,  да биде снимен филм за катастрофалниот земјотрес во Скопје. Вељко Булајиќ заедно со филмска екипа од „Јадран филм“  дошол во Скопје третиот ден по несреќата и започнал да го снима филмот. Токму поради овој факт, првите 9 минути во филмот користитен е веќе снимен материјал од други сниматели.

Филмот бил прикажан насекаде во светот, после 1964 година, чијашто проекција придонела да се добијат дополнителни донации за обнова и изградба на Скопје. Меѓу последните кадри на филмот се појавува и тогашната млада пејачка Есма Реџепова како пее во центарот  на Скопје.

Филмот претставува автентичен документ за Скопската катастрофа и раѓањето на еден град, но заради својата исклучителна уметничка вредност, исто така,  филмот има освоено бројни награди на филсмките фестивали и тоа:  

- 1964 година: „Златниот лав на св. Марко“ и „Сребрена гондола“  на Филмскиот фестивал во Венеција, Награда за најдобар филм на Фестивалот во Единбург, Награда на УНЕСКО и други
-  1965 година : Прва Награда „Златен клас“на Фестивалот во Вајадолил, Најдобар филм на Фестивалот во Белград,  Специјална награда по повод 800-та годишнина на Градот Лајпциг и други.

На средбата присуствуваа Зоја Богдановска, виш кустос историчар, автор на изложбата што ќе биде отворена вечер во 20:30 часот, во МГС, насловена како „Скопје 63 - филмска хроника на едно време“ и министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа-Милевска којашто му се заблагодари на режисерот Булајиќ за неговата улога во спасувањето на Скопје и помошта за скопјани  да си го вратат животот. Екипата од МРТВ, ќе сними документарна емисија за режисерот Вељко Булајиќ и за неговиот престој во Скопје, 50 години по премиерата на филмот.

26.07.2014 - 14:13
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега