Мицковски: Македонија нуди одлични услови за бизнис
Македонија нуди одлични услови за бизнис и веќе се покажува како одлична дестинација за автомобилската индустрија, вели во интервјуто за МИА, министерот за странски инвестиции Горан Мицковски. Тој посочува дека би сакал во Македонија да види повеќе компании од услужниот и финансискиот сектор, затоа што е битно за македонската економија да постои тој баланс меѓу производство и услуги. Очекува фокусот за привлекување инвестиции да биде насочен кон британскиот пазар и Југоисточна Азија...
- По долгогодишна работа во финансискиот сектор чувствував потреба за нов предизвик и фокус кон проект од ваков тип со големо значење за државата и развој на нејзината економија. Затоа ми беше голема чест да добијам покана од премиерот Груевски да бидам дел од новиот владин кабинет со фокус на привлекување инвестиции од надвор. Инаку, идејата за овој аранжман не е нова, но од ред причини не можеше порано да се реализира. Мој впечаток е дека инвестицискиот тим на Владата работи одлично, целиот економски проект е многу важен за Македонија и чувствувам личен предизвик да помогнам со свое знаење и искуство истиот да се реализира.
Мицковски додава дека конкретната област на која значително ќе се посвети се странските инвестиции.
- Нашата цел како Влада е да го зголемиме значително нивото на странски инвестиции во овој мандат. Затоа очекувам фокусот да биде поширок – да се прошири доменот на инвестиции од фирми од области за кои Македонија веќе се покажува како одлична дестинација, како автомобилската индустрија на пример, но и да се привлечат инвеститори од нови сектори, како на пример информатички технологии и услужниот сектор, за кои Македонија исто така нуди одлични услови за бизнис.
Според него Македонија нуди одлични услови за бизнис во многу сектори. - Од мојот краток период овде, впечаток е дека компаниите од производствениот сектор повеќе се присутни и тој тренд очекувам да продолжи. Би сакал да видам повеќе компании од услужниот и финансискиот сектор во Македонија затоа што мислам дека е битно за македонската економија да постои тој баланс меѓу производство и услуги. Го спомнавте банкарскиот сектор – според мое искуство тренд е во оваа дејност фокусот кон т.н. „centres of excellence“, со пренесување на дел од т.н. „back officе“ функции во земји во кои можат да се намалат трошоците за вакви операции. Мислам дека Македонија со одличниот даночен пакет, квалификуваната работна сила и ниските трошоци за бизнис создава одлични можности за ваквите услуги кои се даваат тука и дел од мојот фокус во овој мандат ќе биде насочен кон оваа цел, да се обидеме да донесеме повеќе инвестиции од оваа област.
МИА
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа