Авион со 110 патници се урна во Мали
Патнички авион со 110 патници и шест членови на екипажот се урна денеска за време на лет од престолнината на Буркина Фасо, Уагадугу кон алжирскиот главен град Алжир.
Командантот на мисијата на ОН за стабилизација на Мали, генерал Коко Есиен, соопшти дека авионот се урнал во централниот дел на Мали, со што ги демантираше претходните информации дека трагедијата се случила во Нигер, јави ДПА.
- Авионот се урнал во регионот меѓу Гао и Тесалит, изјави Есиен.
Министерот за транспорт на Буркина Фасо, Жан Бертен Ведраго, изјави дека авионот во 01:38 часот по Гринич побарал промена на курсот поради бура во регионот. Врската со авионот била загубена во 01:55 часот по Гринич, околу 50 минути по неговото полетување.
Ведраго информира дека меѓу 110-те патници имало 51 Французин, 27 Буркинци, осуммина Либанци, петмина Канаѓани, шестмина Алжирци, четвроица Германци, двајца Луксембуржани и по еден Жвајцарец, Белгиец, Нигериец, Египѓанец, Украинец, Камерунец и Малиец.
Леталото било сопственост на шпанската компанија „Свифтер“, но било земено под наем од страна на алжирската компанија „Ер Алжир“, па шестмината членови на екипажот на авионот биле државјани на Шпанија.
Се претпоставува дека падот на авионот не го преживеал ниту еден од 116-те патници или членови на екипажот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа